5 здравствени симптоми кои мажите не би требало да ги игнорираат
Не значи дека ако ги забележите овие симптоми, тогаш се соочувате со нешто сериозно, но секогаш е подобро да ги проверите и да се консултирате со лекар, отколку самите да погодувате од што се.
Во текот на денот, сите чувствуваме и по неколку симптоми кои всушност не се знак за ништо сериозно – кратка главоболка, болка во мускулите, раздразливост…
Бидејќи сите си го познаваме телото, јасно ни е дека овие мали симптоми не се знак за нешто сериозно и генерално ги игнорираме.
Но, некои симптоми кои се невообичаени и кои често се појавуваат не би требало да игнорирате, дури и ако шансите да се знак за нешто лошо се многу мали.
Погледнете кои се симптомите што мажите не би требало да ги игнорираат:
Проблеми со уринирање
Ако неколку денови имате проблеми со уринирање или чувствувате болка додека уринирате, добро би било да се консултирате со лекар, особено ако сте постари од 50-тина години.
Кај многу мажи се појавува состојба позната како зголемена простата и обично појавата е поврзана со возраста на мажот, односно хормоналните промени кои доаѓаат со годините.
Во некои случаи симптомите на состојбата се благи и нема потреба од терапија, но сепак е добро да отидете на преглед. Важно е да знаете дека оваа состојба нема врска со рак на простата и не го зголемува ризикот од него.
Кај мажите помлади од 50 години често се јавува воспаление на простата, или простатитис и обично настанува поради бактериите и другите микроорганизми во каналот на простатата.
Воспалението може да се јави и кај постари мажи, но најчесто е забележувано кај помладите.
Во поретки случаи причината за проблемите со уринирање може да биде и рак на простата.
Ова не значи дека секој проблем со уринирањето е рак и не треба да паничите бидејќи голема е веројатноста да станува збор за поблаг здравствен проблем. Но, како и да е, одете на лекар.
Промени на изгледот на бенките
Скоро сите имаме бенки и можеби сте забележале дека некогаш тие се менуваат, односно стануваат поголеми, потемни слично.
Важно е да знаете дека секоја промена во бенките не е знак за сериозен проблем или рак на кожата и со текот на времето е нормално да се променат.
Сепак, постојат неколку промени кои е најдобро да не ги игнорирате (иако и тие не секогаш значат дека станува збор за нешто сериозно):
- Асиметрија: едната половина на бенката е драстично поразлична од другата.
- Граница: Рабовите на бенката се нерамномерни.
- Боја: Забележувате црна и кафеава боја на бенката. Некогаш се јавуваат и сива и црвена боја.
- Еволуција: Драстични промени на бенката – покрај формата и бојата, можно е да се промени нејзината текстура, да стане потврда и слично.
Како што напоменавме, промените кај бенките се нормална појава, но ако забележите нагли промени, како забрзано зголемување на бенката, консултирајте се со лекар.
Отоци и израстоци на тестисите
Како што жените треба редовно да ги проверуваат своите гради, мажите редовно треба да ја проверуваат состојбата на нивните тестиси.
Ако забележете отоци и необични израстоци на тестисите, кои можат да бидат и болни, консултирајте се со лекар. Ако забележите и промена на формата на тестисите или што било необично што трае повеќе денови, секогаш е добро да одите на лекар.
Не значи дека секоја промена на тестисите е знак на рак, но ако нешто ви изгледа необично - одете на лекар.
Истовремено, имајте на ум дека кога станува збор за рак, околу 95% од мажите успеваат да се изборат со ракот на тестисите.
Болка во градите
Постојат безброј причини за болка во градите и веројатно досега и самите си препознавате која болка е од што.
Но ако забележите болка која не се намалува, не двоумете се дали се консултирате со лекар. Наводно, најчесто болката во градите е поврзана со срцето, мускулите и дигестивниот систем.
Некогаш, кога е придружена и со други симптоми (како слабост и отежнато дишење), болката може да биде и знак за инфаркт.
Ако имате проблеми со срцето, можете значително да го намалите ризикот од инфаркт со мали промени во секојдневието, како поздрава храна, па дури и терапија препишана од лекар.
Лошо расположение и промени во карактерот
За жал, проблемите со менталното здравје се сè поприсутни, особено меѓу мажите.
Скоро сите проблеми со менталното здравје, како депресија и анксиозност, се лекуваат, но важно е да ги препознаете симптомите и да побарате помош.
Факт е дека во денешното општество уште постои стигма за менталното здравје, а поради стереотипите мажите страдаат многу повеќе.
Нелекуваната депресија не само што предизвикува секакви проблеми во животот на личноста, туку може и да кулминира со самоубиство и затоа е важно навреме да побарате помош.
Промени и знаци на кои треба да обрнете внимание:
- Постојано или често чувство на вина и срам
- Безнадежност
- Желба за самоповредување
- Несоница
- Изолирање од саканите
- Екстремно променливо расположение
- Губење интерес за активности што претходно сте ги сакале
За луѓето со депресија неретко е особено тешко да побараат помош, па ако сте во ваква ситуација не заборавајте дека не сте сами и дека со правилната терапија лесно ќе го надминете проблемот и ќе се вратите на нозе.
Спирова С. | Црнобело