Како да се справите или целосно да ја избегнете појавата на проширени вени во нозете?
Од разни причини, многу луѓе се соочуваат со проширени вени, особено во пределот на нозете. Во овој случај проширените вени не само што влијаат врз изгледот на нозете, туку можат да предизвикаат болка и неудобност.
Штом ќе го забележите овој проблем кај вас, важно е веднаш да се консултирате со лекар. Иако во повеќето случаи нема сериозни последици од проширените вени, лекарот ќе ви помогне да се справите со оваа состојба и да го избегнете влошувањето на симптомите.
Во продолжение, пак, погледнете како можете да си помогнете сами:
Избегнувајте да седите на подолг период
Кога седите многу долг период, циркулацијата во нозете не се одвива како што треба – вените треба да „работат“ понапорно за да ја однесат крвта до срцето. Поради ова можат да се појават отоци на глуждовите, како и проширени вени.
За да ги намалите негативните последици од седењето, наместете си аларм и раздвижувајте се по минута-две на секој половина час. Исто така, и повремените кружни движења со стапалата можат да бидат од помош.
Пешачење и вежби за нозе
Редовната физичка активност ќе ја подобри циркулацијата во нозете, а со тоа ќе го намали и ризикот од проширени вени. Па, вежбите како трчање и качување по скали се одлични во овој случај.
Само, ако веќе имате проширени вени, немојте да ги преоптоварувате нозете со вежбање и консултирајте се со лекар кој ќе ви каже кои вежби се безбедни за вас.
Држете ги нозете кренати
Ако сте во можност, правете ја оваа вежба 3-4 пати во денот, по 15-тина минути. Сè што треба да направите е да легнете на подот и да ги кренете нозете. Можете и да ги потпрете на ѕид. Кога сте во оваа положба, циркулацијата во нозете се подобрува, а со тоа се намалуваат и отоците.
Носете тесни чорапи
Тесните чорапи можат да ги ублажат симптомите на проширени вени и можете да ги носете кога треба да седите или да стоите во место на подолг период. Добро би било да се консултирате и со вашиот лекар кој ќе ви каже дали и колку долго би требало да носите тесни чорапи.
Внимавајте на тежината
Некогаш и вишокот килограм можат да ја влошат ситуацијата со проширените вени. Кога ќе ослабите, ќе се намали притисокот во нозете, а со тоа и проблемите со проширените вени.