Страв од закани и уцени, осудување и отфрлање - зошто жртвите на сексуално насилство одбираат да молчат?

Сексуалното насилство и злоупотреба се едно од најболните искуства кои една личност, а особено дете или адолесцент може да ги доживее. Таквите акти врз личноста може да предизвикаат комплексна траума која за жал во голем процент останува непријавена, воопшто неискажана или после долго време откриена и споделена.

strav-od-zakani-i-uceni-shok-i-neveruvanje-zoshto-zhrtvite-na-seksualno-nasilstvo-odbiraat-da-molchat-01.jpgфото: приватна архива м-р Ивана Хаџиванова / depositphotos.com

Мора да се знае дека ова е злоставување на многу нивоа, кое не е само сексуално, туку психолошко, емоционално, физичко, секакво. И големината на болката при овој тип на повреда може да остави трајни траги на душата.

Причините кои овие жртви ги наведуваат како повод за молк, се многу.

Жртвите молчат поради срам, страв од осуда и неразбирање, како и стигматизација.

Жртвите бираат да молчат и поради неоснованото чувство и вртење на вината кон себе и гадењето кое се појавува како резултат на грозоморниот трауматски чин, кој некогаш е еднократен, а некогаш е повеќекратен и трае премногу долго. Комплексот од стрес и негативни емоции, често водат до конфузност и потешкотии и во расудувањето во тие крајно болни мигови и периоди.

Често молчат и од страв од заканите и уцените од насилникот, бидејќи неретки се и случаите каде жртвата е вешто манипулирана, подвргната на терор и континуирано испраќани забрани кои создаваат преголем страв и несигурност. Тие длабоко ја разнишуваат сликата за себе.

Некогаш молчат поради заканите дека нема никој да им верува, и се плашат од наметнување на одговорноста за делото, за кое единствено е виновен сексуалниот злосторник.

Некои од нив молчат и поради шокот и неверувањето за тоа што се случило, како една од првите моќни психолошки реакции на таквиот напад, при кој сопственото тело станува место на злостор, и е извршен атак на секој можен интегритет и его граница кај една личност. Сексуалното насилство може да предизвика чувство на крајно одземање на моќта, контролата и достоинството. 

Молчат поради тоа што мислат дека ако се обидат да зборуваат, тоа ќе биде силен крик кој се плашат дека прегласно ќе одекне и тогаш болката ќе стане вистина.

Молчат поради чувството на осаменост која лебди при таквите настани, поради стравот од реакциите на сите околу, поради стравот од обвинување, казнување и преиспитување за жал некогаш и од страна на најблиските, но и од општеството.

Некои молчат бидејќи се сè уште деца, кои сè уште ја немаат зрелоста и механизмите за справување со ваквите чинови, па дури и способноста за разбирање на тие настани до одредена возраст.

Некогаш молчат со идеја да ги заштитат своите најблиски, некогаш со идеја и да се заштитат себе, додека молчејќи уште повеќе се повредуваат.

Дел молчат зашто сите други досега молчеле.

Дел молчат и од неверба во системот дека може да ги заштити.

Дел молчат бидејќи станува збор за член од семејството или близок човек на истото.

strav-od-zakani-i-uceni-shok-i-neveruvanje-zoshto-zhrtvite-na-seksualno-nasilstvo-odbiraat-da-molchat-03.jpgфото: depositphotos.com

Жртвата се плаши од отфрлање, од семејството, од соседите, од општеството, се плаши од дистанцирање на своите пријатели,  се плаши да не не може да најде партнер кој сето ова би го разбрал и прифатил.

Последиците со молкот се многу потешки, и на долг рок ваквите емоционални трауматични повреди сериозно може да го засегнат менталното здравје на личноста.

Стравовите се многу, но не смее да се повеќе и посилни од храброста, борбата и грижата за себе!

Иако, ваквата болка е товар кој не е за секого лесно да го изусти, тоа е многу потребно! Тишината мора да се скрши, треба гласно да се говори и да се бара помош и заштита.

Жртвите треба да ја бараат поддршката која ја заслужуваат, во секоја форма, семејна, психолошка, правна...  Како за сексуалните злоставувања случени во живо, така и за сексуалното и родово вознемирување и насилство извршено преку социјалните мрежи- on line, за кое и бевме сведоци деновиве.

Ние сме тука за вас, не сте сами.

Текстот го подготви М-р Ивана Хаџиванова 
Психолог, Психотерапевт и Супервизор
Основач на НЕОКОРТЕКС- Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација
НЕОКОРТЕКС може да ги следите на Фејсбук и Инстаграм

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Би можело да ве интересира:

Вие прашувате, психолог одговара: „Страв ми е да летам со авион, мислам дека ќе добијам паничен напа... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Вие прашувате, психолог одговара: „Постојано се плашам дека сум болна од нешто и дека умирам“ На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Вие прашувате, психолог одговара: „Како да се ослободам од постојаниот страв дека ќе се случи нешто ... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Природни лекови за воспалени мускули + зошто се јавува болка по вежбање? Не постои волшебен лек што веднаш ќе ја намали болката во мускулите по вежбање, ...
Работи кои НЕ треба да ги правите ако се будите среде ноќ (за да заспиете полесно) Не го допирајте телефонот и не гледајте колку е часот. Што да НЕ правите ако чес...
Зголемен број на случаи со „слатка краста“ во Хрватска - Дали е опасна и како да се заштитите? „Најмногу ги погодува децата, а ако вашето дете добие ваква инфекција, не би тре...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg