„Зошто трудниците имаат желба за кисели краставички?“ - Гинеколог одговара на најгугланите прашања за бременоста
Бременоста си носи безброј предизвици и проблеми, па секоја бремена жена има милиони прашања. Обично овие прашања треба да се дискутираат со гинеколог, но понекогаш на жените им е срам да ги постават.
Затоа, доктор Бана Кашани, која е гинеколог, решила да одговори на неколку вакви прашања. За BuzzFeed, таа ги одговорила најгугланите прашања во врска со бременоста, но сепак препорачуваме доколку и вас ве мачи некој проблем, да се консултирате со вашиот гинеколог.
Погледнете ги одговорите на најгугланите прашања во врска со бременоста:
Дали бремените жени можат да пијат кафе и да јадат ракчиња?
„Во ред е да консумирате кофеин или кафе во помало количество во текот на бременоста. Препорачаната дневна доза кофеин е помалку од 200 милиграма, но јас би рекла дека најдобро е да пиете само 1 шолја дневно. Кога станува збор за ракчиња, можете да ги јадете ако немате алергија“.
Бремена сум – зошто имам толку многу гасови?
„Во текот на бременоста се зголемува нивото на хормонот прогестерон и се забавува работата на цревата, па како резултат можете да имате повеќе гасови. Исто така, матката се зголемува и зафаќа дел од просторот на цревата. И ова може да предизвика повеќе гасови“.
Зошто бремените жени имаат желба за кисели краставички и мраз?
„Сметам дека тоа со киселите краставички е мит, но во текот на бременоста дефинитивно има промени во сетилата за вкус, кои можат да предизвикаат поголема желба за солена, кисела или слатка храна. Па, поради тоа, многу жени сакаат кисели краставички во текот на бременоста. Но, мит е дека буквално секоја бремена жена сака кисели краставички.
Кога станува збор за мразот, на бремените жени може да им биде потопло од вообичаено поради хормоните, особено прогестеронот. Другата причина е тоа што многу бремени жени имаат блага форма на анемија поради промените кои доаѓаат со бременоста. Ова може да ја зголеми желбата за мраз“.
Зошто бремените жени повраќаат?
„Нивото на хормоните во бременоста се менува, особено во првиот триместар, па жените се почувствителни и може да се појави мачнина. Не знаме точно зошто ова е поизразено кај некои жени, но поврзано е со нивото на хормоните. Во поодмината бременост, притисокот од бебето може да го направи стомакот почувствителен и да предизвика мачнина или повраќање“.
Зошто бремените жени имаат главоболки?
„Хормоналната промена во бременоста може да ја направи жената поподложна на главоболки. Кај некои жени, пак, кои имале главоболки пред бременоста, се случува да се намалат главоболките кога ќе останат бремени, поради хормоните.
Друга причина за главоболки може да биде дехидратацијата, бидејќи бремените жени треба да пијат повеќе вода. Па, ако сте дехидрирани, ќе имате и главоболки“.
Бремена сум – зошто сум волку уморна?
„Во вашиот стомак расте бебе, па ова троши многу од вашата енергија. Што значи, заморот е нормална појава во бременоста. Покрај тоа, хормонот прогестерон може да направи да се чувствувате уморно.
Подоцна во бременоста, кога бебето е поголемо, многу жени чувствуваат неудобност и не спијат добро, па во текот на денот чувствуваат замор. Ова е сосема нормално“.
Дали бремените жени можат да трчаат или пливаат?
„Вежбањето е во ред, сè додека вежбате со ист интензитет како и пред бременоста. Значи, ако сте трчале 1 километар пред бременоста, можете да продолжите со тој тренинг. Само, немојте одеднаш да почнете да трчате маратони откако ќе забремените. Бидете исто активни колку и пред бременоста.
Пливањето е сосема во ред, само немојте да пливате или да седите во вода со температура повисока од вашата, бидејќи тоа не е добро за бременоста“.
Бремена сум – зошто имам жолт вагинален исцедок?
„Вагиналниот исцедок е нормална појава во бременоста, поради хормоналните промени. Но, ако забележите промена - како лош мирис, чешање и слично - консултирајте се со вашиот гинеколог“.
Што ќе се случи ако бремена жена пие алкохол?
„Алкохолот е супстанца која има директно влијание врз бебето и може да предизвика промени во развојот на мозокот, па дури и анатомски промени на неговото тело. Па, кога пиете алкохол, тој може да се пренесе преку плацентата до крвотокот на бебето“.
Спирова С. | Црнобело