Како да се справите со паничните напади?
Паничните напади се кратки епизоди на интензивна анксиозност или страв. Можат да се случат секому, и тоа во кое било време.
Повеќето панични напади се неочекувани и обично луѓе немаат конкретна причина за нивното појавување.
Факт е дека паничните напади можат да бидат навистина застрашувачки, но важно е да знаете дека не сте сами и не сте единствени. Уште поважно, без разлика што во тој момент се чувствувате така, паничниот напад не е опасен по живот.
Симптоми на паничен напад
Познавањето на симптомите колку-толку ќе го намали стравот од паничните напади и ќе ви помогне да сфатите низ што точно минувате.
Според Здружението за анксиозност и депресија на Америка, постојат 13 симптоми на паничен напад, кои можат да бидат физички и емоционални.
Најчестите симптоми се забрзано чукање на срцето, треперење на телото и испрекинато дишење. Истовремено, се појавуваат и емоционалните симптоми, од кои најчестите се страв од губење контрола и страв од смрт.
Кај некои луѓе се јавува и потење, чувство на задушување, болка во градите, вртоглавица и слично.
Според здружението, станува збор за паничен напад ако чувствувате најмалку четири од симптомите.
Прифаќање на паничниот напад
Паничниот напад е всушност преголема активност на симпатичниот нервен систем. Овој систем го активира одговорот познат како „бори се или бегај“, кој се јавува кога сме во опасност.
Иако во овие моменти инстинктите ви велат да избегате од непријатна ситуација, спротивставувањето на нападот може да го продолжи неговото траење или да го засили интензитетот.
Наместо тоа, во тие моменти свесно соочете се со симптомите и фокусирајте се на вашата перспектива. Кога имате паничен напад, особено важно е да се сетите дека епизодата не трае долго и ќе се чувствувате подобро за 10-тина минути.
Како што напоменавме, иако паничните напади не се воопшто пријатни, тие не можат физички да ви наштетат.
Дишење
Веројатно сте забележале дека за време на паничен напад, вашето дишење е брзо и испрекинато. Вашата задача е да се обидите да го нормализирате.
Постојат многу начини за практикување свесно дишење што ќе ви помогне да се опуштите во овие моменти:
- Најдете удобно место и легнете или седнете.
- Поставете ја едната рака на стомакот.
- Вдишете длабоко низ носот, па издишете го целиот воздух.
- Со дланката следете го движењето на стомакот при секое дишење.
- Повторете 10 пати, или колку што ви е потребно за да се релаксирате и да си го промените фокусот.
Контролираното дишење е еден од најефикасните начини да го натерате телото да се релаксира.
Пробајте некоја техника за свесност
Со овие техники ќе бидете целосно присутни во сегашноста и свесни за вашето опкружување. Ова, пак, ќе ви помогне да се ослободите од стравот дека ќе изгубите контрола.
Постојат неколку начини да го задржите вниманието во сегашноста:
- Визуелно истражете го вашето опкружување или некој предмет.
- Фокусирајте се на тежината на некој предмет или на чувството во дланката додека го држите.
- Обрнете внимание на звуците околу вас.
- Фокусирајте се на одреден мирис, како од есенцијално масло.
- Замислувајте си како го релаксирате секој дел од вашето тело.
Кога треба да посетите лекар?
Ако паничните напади се појавуваат многу ретко, тогаш нема потреба од грижа. Но, ако стравот од следниот паничен напад ве парализира или нападите се чести, најдобро е да се консултирате со професионалец.
Лекови
Постојат многу лекови кои помагаат во контролата и спречувањето на паничните напади. Некои се добри само за краткорочна употреба, а постојат и комбинирани терапии со лекови и разговор.
Најважното е да не земате лекови на своја рака, особено не за ментални проблеми.
Бидејќи не знаете какво е влијанието на лекот, кои се несаканите симптоми и како лекот реагира со други лекарства, секогаш консултирајте се со лекар.
Во спротивно, можете и да си ја влошите ситуацијата.
Симптомите на паничен напад варираат од личност до личност и, за жал, не постои „рецепт“ со кој веднаш ќе ги спречите. Но, кога ќе знаете со што се соочувате, многу полесно ќе го контролирате нападот.
Добро е што денес постојат лекови и терапии за панични нарушувања, а вам ви останува само да побарате помош од експерт.
И, не заборавајте дека не сте сами и можете слободно да разговарате за вашите проблеми.
Спирова С. | Црнобело