Работи за ракот за кои ретко се зборува - Едни пријатели ќе изгубите, а со други ќе се зближите уште повеќе
Дијагнозата за рак може целосно да ви го промени животот. Дијагнозата може да има влијание врз вашата работа, односите со другите и, пред сè, врз вашата психичка состојба.
Иако сме гледале и читале сешто за луѓето кои ја воделе оваа војна, само тие знаат како навистина изгледа тоа.
Ова се работите за ракот за кои многу ретко се зборува, а некои луѓе решиле да ги споделат:
Паѓањето на косата може да биде болно
Сите знаат за мачнината и проблемите што ги предизвикува хемотерапијата. Сите знаат и дека предизвикува паѓање на косата.
Но ретко помислуваме дека паѓањето на косата е болно, и емоционално, и физички.
Паѓањето на косата не само што може да им ја уништи самодовербата на пациентите, туку може да им предизвика и физичка болка. Наводно, фоликулите на влакната се воспалуваат, па оние со почувствителен скалп можат да чувствуваат и болка.
За среќа, сè повеќе луѓе кои примале хемотерапија одлучуваат да не го кријат паѓањето на косата, а ова има позитивно влијание врз самодовербата на другите. Тоа не е нешто што треба да се крие, треба да се остане силен и да се сакате себеси во секој момент!
А секако, добрите перики и добрата шминка никому не штетат, напротив, може да ви помогнат да се чувствувате совршено!
Хемотерапијата има влијание врз апетитот
Некои пациенти забележале дека им се променило сетилото на вкус.
Не е позната точната причина за оваа промена, но најверојатно е поради оштетувањето на клетките во усната празнина.
А, кога ќе ви се промени сетилото за вкус, ќе се промени и вашиот апетит.
Можно е да изгубите некои пријатели
Дијагнозата за рак има влијание и врз блиските на заболената личност.
Понекогаш, за некои луѓе целата ситуација е премногу, па одлучуваат да се оддалечат од пријателот кој има рак или едноставно, не се доволно вистински пријатели за да ги издржат сите тешкотии и препреки низ кој личноста ќе поминува.
Но, луѓето кои не можат да го издржат тоа и не се тука за вас, воопшто не ви ни требаат.
Но, некои пријателства ќе се зајакнат
Најдобрите пријатели ќе ги препознаете во најтешките животни ситуации. Неретко, оние од кои најмалку сте очекувале ќе ви ја понудат најголемата поддршка во ваквите моменти.
Како што изјавила една жена која преживеала рак на дојката:
„Ракот е ужасен, но луѓето кои ќе ги донесе во вашиот живот се вистински подарок.“
Можно е да станете опседнати со здравјето
Кога ќе се соочите со смртна закана, нормално е да почнете да го сфаќате здравјето многу посериозно.
Многу често заболените од рак добиваат мотивација да се грижат за своето здравје подобро од кога било.
Откако ќе ја надминат болеста, пак, целосно му се посветуваат на здравиот начин на живот.
Иако ракот е ужасна болест, на некој начин, ова е добрата последица од битката.
Враќањето дома од болница може да биде многу стресно
Сите мислиме дека личноста која излегува од болница откако го победила ракот чувствува големо олеснување. Конечно се враќа во својот дом и може да продолжи со својот живот.
Но, неретко, стресот во овие моменти е преголем.
Кога ќе се земе предвид целото искуство, нормално е што луѓето кои воделе битка со ракот се плашат дека ќе им стане лошо кога до нив нема медицинско лице.
Во овие моменти, најпотребна е поддршката на пријателите и семејството. Со вистински луѓе, храброст и верба - со време сè ќе помине.
Финансиски предизвик
Лекувањето на ракот може да биде навистина скапо. Лековите, операциите и хемотерапијата чинат пари.
Сето ова може да влијае врз вашите финансии.
Но, сведоци сме дека луѓето се желни да помогнат во вакви ситуации и многумина не се двоумат дали да донираат некој денар.
Страда и сексуалниот живот
Ретко кој би помислил дека ракот на дојката, на пример, може да влијае врз хормоните кои го „хранат“ либидото на жените.
Ракот може да влијае и врз сексуалниот живот, но со вистинскиот партнер, можат да се надминат сите тешкотии. Оваа ситуација нема да трае засекогаш, а со вистински партнер покрај вас кој има разбирање - сè е полесно.
Некои нуспојави остануваат засекогаш
Кога станува збор за рак во ремисија, сите мислиме дека здравјето се враќа во нормала.
Сепак, можно е некои нуспојави да останат и после третманот.
За многу луѓе, битката со ракот е најтешката што ја воделе во животот. Но постојат безброј приказни кои влеваат барем трошка надеж и докажуваат дека ракот не е задолжителна смртна пресуда.
Со помошта и поддршката на саканите, секој може да надмине сè. А, кога ќе ја победат оваа битка, овие луѓе стануваат едни од најсилните.
Спирова С. | Црнобело