Ја пеглате додека е влажна и уште 7 причини зошто вашата коса не е бујна и здрава
Ако имате долга коса, препорачливо е да ја соберете додека спиете. Кога е пуштена, поради триењето од перницата, косата лесно се кине и оштетува.
Дали користите неколку продукти за коса и обрнувате посебно внимание на негата, но сепак не сте задоволни од нејзиниот изглед?
Тогаш веројатно треба да обрнете внимание на некоја од следниве грешки:
Ставате маска и регенератор на коренот
Маската и регенераторот ја потхрануваат и омекнуваат косата, но не е препорачливо да ги ставате на коренот.
Овие продукти треба да се нанесуваат само на врвовите, односно делот од косата на кој му е потребна поголема хидратација.
Ако ги ставате на коренот, косата ќе се мрси побрзо и ќе изгледа „спласнато“.
Не ја чистите четката за коса
Сите нечистотии од вашата коса завршуваат на четката. Поради ова, важно е да ја чистите најмалку еднаш неделно.
За да ја исчистите, доволно е да употребите топла вода и обичен сапун.
Користите пегла на влажна коса
Пред да ја пеглата косата, морате да почекате да биде целосно сува ако не сакате да ја изгорите повеќе отколку што треба.
Ја триете косата по миење
Не е препорачливо да ја триете косата со крпа. Кога е влажна, таа е покршлива, па со триењето ќе ја оштетите.
Треба само да ја впиете водата од косата.
Некои експерти препорачуваат и воопшто да не користите крпи за коса, туку да ги замените со стари памучни маици кои не се крути колку крпите.
Спиете со пуштена коса
Не треба постојано да ја носите косата во стегнато опавче, но сепак препорачливо е да ја соберете додека спиете, особено ако е многу долга.
Во текот на ноќта постојано се превртувате и пуштената коса се трие од перницата, а со тоа и се кине.
Косата завршува и на вашето лице, па ако не е измиена неколку денови и сте склони кон акни, ќе си го влошите проблемот.
Не вложувате во свилена навлака
Свилените навлаки можат да бидат многу поскапи од останатите, но ако сакате здрава коса, вреди да вложите во барем две.
Свилата е многу понежна од памукот, не создава многу триење, па е подобра за косата.
Користите погрешна четка за коса
Поради различната густина и текстура, секоја коса си има потреба од различна четка.
Ако имате виткана коса, користете чешел со запци поставени на поголемо растојание. Кога станува збор за четки, најдобри се оние кои имаат пластични запци со топчиња на врвот.
Ако имате права коса, подобро е да користите четка со поситни запци.
Не обрнувате внимание на ластичињата
Големите стегачи што станаа повторно хит периодов се многу подобри за косата од „обичните“.
На нив косата помалку се заплеткува, па и помалку ја оштетуваат.
Спирова С. | Црнобело