Каде е најдобро да ги чувате разните козметички продукти и прибори за убавина?
На шампоните и пеглата за коса нема да им пречи влагата во бањата, но ова не важи за четките за шминкање или сенката за очи.
Ако сте како повеќето жени, тогаш веројатно сакате сите продукти за убавина да ви стојат на едно место.
Можеби на овој начин сите ќе ви бидат на дофат, но ако сакате да им го продолжите рокот и да ја зачувате нивната ефикасност, морате да ги складирате соодветно.
Па, каде е најдобро да ги чувате разните продукти и прибори за убавина?
Во фрижидер
Ако користите продукти со ретинол, препорачливо е да ги чувате на постудено место, односно во фрижидер. Ниските температури ќе ја зачуваат ефикасноста на продуктот и ќе му го продолжат рокот на траење.
Добро би било и кремовите за областа околу очите да ги чувате во фрижидер, особено ако наутро очите ви се многу потечени – кога кремот ќе биде ладен, значително ќе ја намали подуеноста.
Гелот од алое вера ќе биде многу поефикасен за изгореници ако го чувате во фрижидер.
Ако користите продукти од природни состојки, најдобро е да ги чувате во фрижидер за да им го продолжите рокот на траење.
И лакот за нокти е најдобро да го чувате во фрижидер ако сакате да го користите подолго време.
На темно место, настрана од директна сончева светлина
Парфемите секогаш треба да ги чувате на темно место – најдобро во фиока или слично. Истовремено, држете ги понастрана од влажни места.
Истото важи и за пудрата за лице.
Кармините треба да ги чувате настрана од сончева светлина, бидејќи лесно можат да се растопат.
И маскарата чувајте ја на темно место за да го избегнете сушењето. Добро би било да ја чувате и на постудено место. Само, не ја ставајте во фрижидер бидејќи во него има бактерии кои можат да бидат штетни за очите.
Кремите со заштитен фактор ја губат ефикасноста ако се изложени на директна сончева светлина, па чувајте ги на темно место.
На суво место
Продуктите во прав, како камена пудра и сенки, држете ги понастрана од влажни места. Ова значи дека не треба да ги чувате во бањата.
И четката за коса чувајте ја на суво место за да го избегнете размножувањето на бактериите.
Од истата причина, и сунѓерите и четките за шминкање чувајте ги на суво место.
Кремите за заштита од сонце треба да ги чувате на темно, но и на суво место.
Во бањата
Иако влагата може да биде штетна за некои продукти за хигиена и убавина, сапунот не трпи никакви последици. Ова важи и за продуктите како шампони, регенератор и маски за коса.
И пеглата и фенот за коса можете слободно да ги чувате во бањата, само, се разбира, внимавајте да не ги натопите.
Спирова С. | Црнобело