4 третмани за ексфолијација на скалпот во домашни услови - косата ќе ви „заблеска“
Можеби користите секакви продукти за нега на коса, но дали водите грижа за вашиот скалп?
Ако сакате да ги отстраните мртвите клетки од скалпот, ексфолијацијата е најдобриот начин за тоа. А, кога ќе ги „освежите“ скалпот и кожата на главата, вашата коса сигурно ќе изгледа многу подобро.
Вакви третмани можете да најдете во фризерски салони, а можете да купите и продукти за таа намена, но секогаш можете да си направите и домашен третман со природни состојки.
Сода бикарбона
Потребни состојки: 1 лажица сода бикарбона, шампон за коса
Измешајте една лажица сода бикарбона со малку шампон (колку што користите кога ја миете косата). Потоа измијте ја косата со смесата, оставете да делува, па исплакнете.
Кога го правите овој третман внимавајте смесата да не ви влезе во очите, бидејќи може да предизвика иритација.
Маслиново масло
Потребни состојки: 1 лажица маслиново масло, 1 лажица шеќер
Измешајте ги состојките и направете хомогена смеса. Нанесете ја смесата на скалпот, оставете да делува неколку минути, па добро исплакнете со многу вода.
Само, немојте многу да го триете скалпот со смесата за да не ја иритирате кожата.
Кафе
Потребни состојки: 1 лажица кафе, 1 лажица јогурт, мало парче краставица, неколку капки маслиново масло
Најпрво изгмечете го парчето краставица и направете го како пире. Потоа измешајте ја краставицата со другите состојки и направете хомогена смеса.
Нанесете ја смесата на скалпот со кружни и нежни движења за да не го иритирате скалпот.
Оставете да делува 10 минути и исплакнете со многу вода.
Лимон
Потребни состојки: 1 лажица шеќер, 1 лажица мед, сок од половина лимон
Измешајте ги состојките и направете хомогена смеса. Нанесете на скалпот и оставете да делува неколку минути. Потоа добро исплакнете со вода.
Ако имате чувствителна или иритирана кожа на скалпот, немојте да користите лимон.
Неколку дополнителни совети
Домашните третмани можат да бидат ефикасни, но мора да имате предвид дека секоја кожа и коса реагира различно. Ако забележите чешање, црвенило или каква било иритација, најдобро не продолжувајте со тој третман.
Истовремено, треба да обрнете внимание и на состојбата на кожата на скалпот. Ако, на пример, имате сува кожа, повеќе ќе ви одговараат третманите со масло. Доколку пак вашата кожа е иритирана од претходно, не експериментирајте.
Напоменуваме дека овие третмани не ни се испробани, па не можеме со гаранција да тврдиме дека ќе функционираат, иако многу корисници на интернет ги препорачуваат.
Спирова С. | Црнобело