Го намалува целулитот, ја чисти кожата – Зошто блогерките го обожаваат третманот „суво четкање“?
Ако досега сте слушнале за суво четкање, веројатно ви кажале дека е одличен третман против целулит.
За жал, не постојат научни докази дека сувото четкање може да го отстрани целулитот. Но, овој третман помага во правилното распределување на масното ткиво под кожата, поради што таа станува помека, а целулитот помалку видлив.
Што значи, овој третман нема целосно да го отстрани целулитот, но колку-толку ќе ја намали неговата видливост. Сепак, ова не е единственото добро нешто од сувото четкање.
Пред сè, сувото четкање на кожата е еден вид пилинг со кој се отстрануваат мртвите клетки. По само еден третман ќе забележите дека вашата кожа е многу помека и понежна.
После сувото четкање, кожата и полесно ќе ги впива кремите и продуктите што ќе ги нанесете на неа.
Истовремено, овој третман темелно ја чисти кожата и целосно ги отстранува остатоците од продуктите што ги користите, а кои ги затнуваат порите. Се разбира, ова не важи само за кожата на телото, туку и за кожата на вашето лице. Многумина забележале дека после само неколку третмани со суво четкање, порите на нивното лице биле помалку видливи.
Сувото четкање го стимулира и лимфниот систем, а со тоа помага во природната детоксикација на организмот. Некои веруваат дека овој третман ја подобрува и циркулацијата на крвта, па после него сигурно ќе се чувствувате освежено.
Како да го направите овој третман?
Најдоброто од сè е што ова е третман што можете да го направите и дома. Препорачливо е да го правите пред туширање, по можност наутро.
Почнете со четкање на стапалата и нозете, и на секој дел од телото поминете 10-тина пати со четката. Важно е да не стискате премногу за да не си направите гребнатини.
Потоа исчеткајте ги дланките и рацете, а на крај стомакот. Доколку можете, направете го третманот и на вашиот грб, или замолете некој да ви помогне.
Како што напоменавме, третманот може да се користи и за лице.
После четкањето кожата не треба да биде многу црвена и иритирана и важно е да бидете нежни. После третманот истуширајте се и на крај нанесете лосион за тело.
Поле сувото четкање избегнувајте ги другите видови пилинг – така само ќе ја иритирате вашата кожа.
Како да ја одберете најдобрата четка?
За почеток најдобро е да користите четка со помеки влакна. Кога ќе ја „навикнете“ кожата на третманот, можете да користите четка и со малку погруби влакна.
Можете да користите четки и со природни, и со вештачки влакна, а најдобро е четката да има и долга рачка за лесно да можете да го направите третманот и на грбот.
На лицето, нормално, користете друга четка, и тоа задолжително со меки влакна.
Четката менувајте на секои 6-12 месеци, чистете ја после секој третман и барем двапати неделно исчистете ја темелно.
Ако немате сериозни проблеми со кожата, слободно пробајте го овој третман. Но, ако забележите непријатност, црвенило или болка, овој третман можеби не ѝ годи на вашата кожа.
Спирова С. | Црнобело