Три маски за очи што можете да ги направите и сами
Во текот на потоплите месеци, особено важно е да ја хидрирате кожата околу вашите очи.
Покрај хидратантните креми, за оваа цел доста ефикасни се и маските за очи, кои можат и да ги намалат брчките во областа и да ја намалат видливоста на подочниците.
Уште подобро е што нема потреба да давате многу пари – можете и сами да си направите маска за очи, со продукти што сигурно ги имате дома.
Во продолжение погледнете три „рецепти“ за домашна маска за очи:
Маска од роза и краставица
Поради својот состав, краставицата ја затегнува и смирува кожата.
За да ја направите маската, во блендер измешајте половина краставица и 30 ml вода од роза.
Земете памук и исечете ги во форма на полу-месечина. Накиснете ги во смесата и оставете ги 10-тина минути. Потоа поставете ги тупферите под очите, оставете да делуваат 10 минути и исплакнете со вода.
Маска од кафе, белки и мед
Кафето, во комбинација со витамините и протеините во јајцето, ќе ја затегне вашата кожа. Медот, пак, има антиоксидансни својства и ќе ја тонира кожата.
Во сад измешајте белка од едно јајце, една лажица кафе и една лажица мед. Мешајте ја смесата околу една минута.
Со чисти раце или со четка нанесете ја смесата околу очите и оставете ја да делува 10 минути.
Отстранете ја маската со вода, а потоа нанесете хидратантна крема.
Маска од камилица
Ова е наједноставната маска што можете да ја направите. Во врела вода ставете две вреќички чај од камилица, а потоа оставете ги да се изладат на собна температура.
Потоа ставете ги вреќичките врз затворени очи и оставете да делуваат 15 минути.
На крај, само нанесете хидратантна крема.
Спирова С. | Црнобело