Како да одберете идеална пудра за вашиот тип на кожа?

Многу веројатно е дека следите барем 2-3 шминкерки на YouTube или Instagram, од кои црпите совети и инспирација. Нема ништо чудно, сите го правиме тоа во обид да изгледаме што подобро, кога нанесуваме декоративна козметика на лицето.

Kako-da-odberete-idealna-pudra-za-vasiot-tip-na-koza-01.jpg

Нанесувањето пудра е алегорија слична на градењето темели на куќата, таа е првиот и можеби најважен чекор за постигнување идеален изглед.

Една од почетничките грешки кои ги правиме во потрага по идеална пудра за лице, е тоа што ги испробуваме нијансите на кожата на рацете. Некако најприродно ни доаѓа да нанесеме таму пудра, да ја размачкаме и да ја погледнеме под неонските светилки во продавниците.

Kako-da-odberete-idealna-pudra-za-vasiot-tip-na-koza-02.jpg

Секогаш испробувајте ја пудрата на вратот или во внатрешниот дел на рачниот зглоб.

Ова е прво и основно правило. Нанесете мал слој пудра на вратот или зглобот и размачкајте. Обрнете внимание како се одвива нанесувањето (лесно, потешко), како се слева со кожата, дали има мазен финиш или уште на почетокот остава линии и „распукува“.

Светилките во продавниците не оддаваат реална слика за тоа како изгледа пудрата на лицето.

Најдобро е истата да се испроба на природна светлина, а доколку не можете да се одлучите направете селфи од неколку различни агли и видете дали новата пудра е прилагодена на бојата на кожата.

Доколку сте во можност земете тестер или мала количина од пудрата во кутија.

Нанесете ја на лицето и погледнете како истата ќе се однесува во рок од неколку часа. Некои типови на пудри имаат тенденција да оксидираат после одредено време, односно ја менуваат бојата, други пак, почнуваат да ги испуштаат маслата кои ги содржат во својата формула, правејќи вашето лице да „светне“ за краток временски период.


Не треба да брзате кога бирате пудра. Треба да одвоите доволно време да ја истестирате на лицето, бидејќи добрите пудри вообичаено не се ниту малку евтини, па не би сакале да купите 3 различни и сите да завршат неупотребливо во корпата за ѓубре.

Да се фокусираме на квалитетот на вашата кожа – сува, комбинирана (со мрсна Т-зона) или многу мрсна.

Проблемот со идеална пудра е половина решен доколку знаете точно каква кожа имате.

Доколку имате сува кожа најдобар избор се течните пудри или оние во стик. Течните пудри најчесто имаат состојки кои ја хидрираат кожата и ќе го спречат дополнителното пресушување и лупење на кожата.

Секогаш давајте им предност на пудрите со течна хидратантна формула.

Доколку имате мрсна кожа, одбегнувајте ги оние пудри кои во составот имаат хидратантни својства. Најдобар избор за вас се минералните пудри во прав или течни пудри без дополнителни масла (oil-free).

Всушност, вам ви е потребна пудра, што како еден вид сунѓер, ќе ги впие природните масла, оставајќи го вашето лице мазно и со мат ефект.

Доколку сте склони кон акни, побарајте пудра која во својот состав дополнително содржи салицилна киселина.

Доколку имате комбинирана кожа, имате вистински предизвик во потрагата по идеална пудра. Мрсна Т-зона која брзо „светнува“ и суви образи – ви звучи познато, нели?

Тајната кај комбинираната кожа е во стратегиското нанесување. Всушност, не треба целото лице да го прекриете со пудра, туку само Т-зоната, со добра мат пудра која ќе ги впие маслата на лицето.

Доколку не можете да се снајдете сами, секогаш може да побарате помош од професионално лице кое ќе ве насочи во изборот на најдобра пудра за вашето лице.


Што и да правите никогаш не нанесувајте пудра на „голо“ лице, без соодветна подлога, односно крема за лице која одговара на вашата кожа. Не сакате да ги затнете порите, бидејќи тогаш кожата е на еден начин заробена, не дише и претставува рај за акните и мозолките.

Внимавајте пудрата да има заштитен SPF фактор, особено во летниот период кога сонцето пече најсилно. Доколку нема, задолжително нанесете крема со заштитен фактор како подлога пред пудрата.

Еден дополнителен совет, пудрите со висок заштитен фактор имаат тендеција да ве направат екстремно бели на фотографиите, особено кога се сликате со блиц. Поминете го лицето со тенок слој камена пудра во соодветната нијанса за да го избегнете овој проблем.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

12 жени ги откриваат тајните за убавина (поради кои се чувствуваат одлично во своја кожа) „Имам 50 години и веќе две децении го чистам лицето со масло од рози наместо со ...
Бизарен ТикТок тренд: Зошто девојките низ светот почнаа да спијат со лепенки и стегачи на лицето? „Колку погрд ќе си легнеш, толку поубав ќе се разбудиш“ е мотото на инфлуенсерки...
Ивона Јо - девојка на чие лице прилега секоја фризура (фото) Од русокоса со залижана момчешка фризура до бринета со разиграни локни, на цртит...
Лимонада за косата, кечап за сјај: Едноставни трикови со кои ѕвездите секогаш изгледаат совршено Суки Вотерхаус ја плакне косата со лимонада, а Џенифер Лопез користи спреј од 10...
Грешки во рутината за убавина што ги правиме во лето (а можат да бидат штетни) Дали ставате балсам за усни со фактор? А, дали имате навика да ги бричите нозете...
9 совети за хигиена и убавина кои се застарени (дури и штетни) Косата мора да ја измете двапати со шампон, кремовите со заштитен фактор се само...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg