Бисерна коса – нов хит на Инстаграм
Доколку сте љубителки на море и плажа, тогаш ќе го обожувате најновиот тренд за фарбање на косата.
Неонски нијанси, омбре, холографска коса, па дури и боја што свети во темница – стилистите, фризерите и козметичките брендови се полни со идеи за нови фризури и несекојдневни фарби.
Најнов во низата е трендот кој се појави на Инстаграм, ги воодушеви девојките ширум светот, а од ден во ден му расте популарноста. Станува збор за бисерната коса.
За што точно се работи? На социјалната мрежа завладеа трендот на фарбање на косата во седефести тонови, кои оддаваат впечаток на бисерен сјај. Еден од начините на бојадисување е во целост да ја имитирате внатрешноста од оклопот на школките.
Бисерната коса не мора да биде бела или сребрена. Важен е завршетокот, кој се постигнува со нанесување посебни фарби, по што косата има светкав прелевачки сјај, понекогаш и во боите на виножитото.
Косата не е во целост бојадисана во една нијанса, туку се прелева во различни тонови – деликатна графитна боја, бледо розова, сина, па дури и во нијанси на лаванда. Сите тонови мора совршено да се прелеваат, така што косата да изгледа како вистински бисер.
Притоа, фризерите велат дека најдобар резултат се постигнува на светло руса коса.
Ако се одлучите за ваквиот експеримент, секако посоветувајте се со професионалец што ќе знае како да го постигне ефектот на бисерна коса. Воедно, бидете подготвени и за интензивна нега и одржување на бојата.
По посетата на фризер, потребно е да се грижите за новата боја, употребувајќи соодветни маски или додатоци – инаку сјајната фризура набрзо ќе се претвори во само убаво сеќавање.
Секојдневна инспирација на оваа тема може да пронајдете на интернет. Само впишете #pearlhair на Instagram и Pinterest, а таму ве очекува изобилство од идеи од популарните блогерки и трендсетерки.
Но, пред тоа, погледнете ги и интересните предлози што ви ги издвоивме во галеријата со фотографии:
М. А. | Црнобело