3 едноставни чекори: Како да ја претворите дневната во ноќна шминка?
Ако водите живот со динамично темпо, ви откриваме три практични решенија со кои ќе изгледате совршено во текот на целото деноќие.
Пред сè, минимумот козметички производи што треба секојдневно да ги имате во вашата чанта се:
- Компактна пудра
- Влажни марамчиња
- Моливче за очи и усни
- Кармин и сјај за усни
За трансформација на дневната во ноќна шминка, пак, следете ги овие три едноставни чекори:
1. Почнете со лицето
Поминете ја со влажно марамче Т-зоната на вашето лице (челото и носот), каде вообичаено се акумулира најмногу маснотија и сјај во текот на денот, внимавајќи притоа да не се доближите премногу до очите. Потоа, на оваа област нанесете сосема малку од компактната основа што сте ја користеле како подлога дење. Обидете се да ги нагласите и јаболкниците, но не претерано.
2. Продолжете со очите
Ако за првата половина од денот користите моливче или маскара, веројатно и самите знаете како ќе изгледаат вашите очи во попладневните часови. Но, без грижи, за сè постои решение. Прво, нанесете коректор на подочниците, кој е за една нијанса посветол од вашиот тен. Доколку е многу посветол, ќе се забележува и веќе нема да изгледате природно. По корекцијата на темните кругови околу очите, исцртајте си „мачкини очи“ со моливче или туш за очи.
3. Завршете со усните
Усните со природна боја и само сјај се одличен избор и сосема доволни за дневна варијанта, но за ноќната шминка ќе ви биде потребно нешто повпечатливо. Охрабрете се да ги нагласите усните со поинтензивна боја, како што е црвената. За таа цел, секогаш имајте при рака мат кармин во омилената нијанса, а надополнете го со сјајот за усни што сте го користеле наутро.
М. А. | Црнобело