Како шминката да ви трае цела ноќ?
Покрај облеката, местото за прослава и фризурата, за девојките особено важно е да блеснат со шминката која ќе им трае цела вечер. Но, за тоа не се потребни само квалитетни шминки или професионален шминкер, туку неколку совети за како правилно да ги нанесете.
Не се доволни само пудрата, сенките и карминот, туку и некои дополнителни препарати кои не се толку видливи на прв поглед, но во нив се крие тајната за долготрајноста на шминката.
1. Лесна хидратантна крема како основа
На претходно исчистеното лице, нанесете лесна хидратантна крема која ќе може да ја одржува влажноста на лицето. Важно е да ја најдете таа која најмногу ви одговара според типот на кожа за побрзо да се впие на лицето. Дури и ако имате мрсна кожа не треба да ја избегнувате оваа крема. Таа дава посебен сјај на целокупниот изглед.
2. Користете добра подлога
Подлогата на лицето е клучна за долготрајноста на шминката. Пред да ја нанесете пудрата потребно е да ставите подлога со која ќе го изедначите тенот на лицето за да добиете еднолична нијанса.
3. Користете сунѓерчиња и четки
За правилно и рамномерно распоредување на пудрата најдобро е да користите сунѓерчиња и четки. Но, доколку немате, може да ја нанесете внимателно со прстите, со тоа што по размачкувањето ќе ја оставите да се впие и засуши, па вишокот ќе го отстраните со тоалетна хартија.
4. Правилно пополнување на веѓите
За да ги исцртате и пополните веѓите се препорачува да користите суво моливче во посветла нијанса од вашата природна. Нежно повлекувајте линии, а на крај нанесете и малку сува сенка во прав со слична нијанса, за да изгледаат поприродно.
5. Користете подлога за капаците на очите
За подобро да ја нанесете сенката и да не ви се размачкува, важно е да имате ставено специјална подлога која ќе ја натапкате со прстите бидејќи треба да ги дозирате количините на производите. Не треба да биде дебел слој, туку само толку колку што може да се впие.
6. Туш наместо креон
Ако сакате да ги исцртате очите и да им дадете убава форма, секогаш одберете го тушот наместо креонот. Нанесувајте го на крај, откако претходно ќе се нашминкате и со сенката, за да дојде до израз. За разлика од креонот, тушот не се размачкува и не се брише лесно, што ви гарантира дека ќе ви трае цела вечер.
7. Моливчето за усни е задолжително
Пред да нанесете сјај или кармин неопходно е усните да ги исцртате со суво моливче за да ви изгледаат пополни. Дури потоа нанесете кармин кој ќе ви трае подолго и нема да ви се размачкува.
8. Водоотпорна маскара
Логично е дека штом шминката треба да ви трае цела вечер задолжителна е водоотпорната маскара која е потрајна и не се размачкува.
9. Фиксирајте ја шминката
На крајот од шминкањето се препорачува да ја фиксирате шминката со компактна пудра или со специјален спреј за фиксирање, особено на деловите каде што имате повеќе кремаста текстура.