По вкус на невестите: Како изгледа совршената венчаница за девојките на Pinterest?
Австралискиот бренд за свадбени фустани, го произведе новиот хит модел на венчаница, дизајнирана според двесте коментари од нивните клиентки на популарната социјална мрежа.
„Grace Loves Lace“ им се познати на повеќето жени ширум светот, затоа што минатата година ја креираа најпопуларната венчаница на Pinterest. Годинава, пак, од австралискиот бренд отидоа чекор понапред, дозволувајќи им на идните невести сами да го „дизајнираат“ својот свадбен фустан од соништата.
Имено, најновиот хит модел - Fabienne – произведен е според вкусот и желбите на нивните клиентки, предложени во 200 коментари на популарната социјална мрежа. Завршниот дизајн, пак, веројатно е една од најубавите бохо венчаници кои некогаш сте ги виделе.
„Станува збор за женствен модел кој се носи со леснотија“ – вели Megan Ziems, основачката на брендот. „Претставува совршена комбинација од боемски стил и класична ренесансна убавина.“
Фустанот е изработен од најпрефинета француска чипка, а украсен е со разиграни детали. Наместо класичен крут корсет, горниот дел е направен од растеглив материјал, па невестата ќе може непречено да се движи и ужива на танцувачкиот подиум.
Нарачките преку интернет се достапни до средината на октомври, додека свадбените фустани се испорачуваат низ целиот свет.
A, со оглед на тоа дека венчаницата ја „креираа“ коментарите на Pinterest, сигурно е дека ќе се прослави на социјалната мрежа, налик на таа лани.
Kако ви изгледа вам - би носеле ли ваков свадбен фустан на својот важен ден?
М. А. | Црнобело