Лошите страни на патувањето со крузер, според патници - турканици за лежалки, чекање во редици, студен ветар
Според три жени кои патувале со крузер, метежот и чекањето во долги редици се работите што се најголемо разочарување за време на патувањето.
Крстарењето со крузер станува многу популарно од неколку причини. Поголемиот дел од времето го минувате на огромен брод опремен со сè што ви треба, а притоа посетувате и атрактивни дестинации.
Истовремено, во цената се вклучени и оброци, па во текот на целото патување не мора да се грижите за храна и пијалаци.
Сепак, иако звучи атрактивно, и овој начин на патување си има свои недостатоци.
За Insider, три жени кои патувале со крузер во 2021 и 2022 година споделуваат кои се ситниците што најмногу ги разочарале.
Ова не значи дека не уживале во патувањето, но сметаат дека патниците треба да бидат свесни за овие недостатоци и да се подготват за нив.
Секако, ова зависи и од турата, компанијата, но и од очекувањата и критериумите на самите патници.
Џои Хајден патувала со најголемиот крузер на светот – Royal Caribbean’s Wonder of the Seas – во април 2022 година. Првото нешто што го забележала е дека и на најголемиот крузер на светот се забележува кога има метеж.
Било речиси невозможно да дојде до оградата на палубата бидејќи имало многу луѓе, а слична била и ситуацијата на базените.
Во текот на 8-дневното патување, околу неа постојано имало многу луѓе.
Тешко било да најде и лежалка покрај базените бидејќи сите биле зафатени уште рано наутро.
Слично искуство имала и Моника Хемфрис која минатото лето патувала со крузерот Carnival Vista.
Таа вели дека можеби најмногу метеж имало за време на стенд-ап шоуата каде што немало ни место за седење.
И качувањето и слегувањето од бродот траело долго поради огромните редици од патници.
И двете жени забележале дека има огромни редици пред бифето за храна, но и на шалтерот за информации. Некои луѓе чекале и по еден час за да дојдат на ред.
Моника Хемфрис вели дека имала и проблем со храната бидејќи многу често оброците биле погрешно обележани во бифето. Таа е вегетаријанец и вели дека двапати по грешка каснала месо поради ова.
Аманда Краус патувала со нов крузер – Disney Wish – во септември годинава и вели дека направила огромна грешка што не понела повеќе топла облека.
Додека во бродот било топло, на палубата речиси постојано имало ветер, а температурата била релативно ниска и во рестораните.
Сепак и покрај непријатните изненадувања, трите жени велат дека патувањето со крузер е одлично искуство. Единствено, тие истакнуваат дека треба да имате предвид дека на крузерите секогаш има многу гужва, треба да се подготвите да чекате во долги редици и задолжително да понесете повеќе топла облека, без разлика во кој период од годината патувате.
Но, станува збор за индивидуални искуства и не секој ги доживува исто. Какво е вашето искуство?
Спирова С. | Црнобело