Винска тура низ Истра – зеленило и вино, одлична идеја за кратко патување (фото)
Најголемиот, а многумина би се согласиле и најубавиот полуостров во Хрватска, Истра, веќе десет години наназад, полека но сигурно, станува синоним за квалитетно винско подрачје, добитник на бројни меѓународни награди и признанија.
Винарските визби кои го красат и збогатуваат Истарскиот регион се вистински релаксирачки оази облеани во медитеранското сонце.
Тие се идеални дестинации за бегство од градскиот стрес и врева, како и за интимни дружења, дегустации и запознавање со врвни вкусови кои го освежуваат непцето и духот.
Викенд патување во Истра дури и во постудените денови никогаш не бил толку примамливо како сега, особено кога знаете дека ве очекува незаборавно задоволство со поглед на прекрасни, зелени лозја.
Ова се најдобрите винарии на Истра кои мора да ги посетите, доколку сте љубител на природа, вино и обожавате излети и мини одмори:
Винарија Клаи (Clai): Органски рај
Во внатрешноста на Истра, недалеку од Красица, во селото по име Брајки се наоѓа винаријата Клаи. Бидејќи е блиску до градот Бује и словенечката граница, ова е исклучително пристапна дестинација за различни пригоди.
Покрај тоа, благодарение на надморската височина од 200 m, оваа област редовно е облеана со сонце, додека близината на Јадранското Море му носи ладен и солен ветер.
Лозјата што ја покриваат нејзината површина се протегаат на 10 хектари, а шармантните маслинови насади покриваат дополнителни 5 хектари земја.
Оваа винарија е позната по тоа што не произведува „обични“ вина. Имено, долгогодишниот сопственик инсистира на органско производство во кое „хемијата“ е забранета, а точењето и флаширањето на виното се одвива во согласност со промените на Месечината.
Иако сите сорти што се произведуваат гарантираат врвен квалитет и богатство на ароми, многумина ќе ви го препорачаат виното Свети Јаков.
Винарија Кабола (Kabola): Вкус на семејна традиција во чаша вино
Во околината на Момјан постои вистински вински рај опкружен со сончеви ридови. Истарската винарија Кабола годишно произведува околу 100.000 шишиња вино што лојалните клиенти и локалните обожаватели можат да ги вкусат на самото место или во удобноста на нивниот дом.
Сепак, посебно искуство е да ги вкусите на организирани дегустации со водич на еден од најубавите вински имоти на чија убавина не можеа да ѝ одолеат ниту познатите филмски уметници.
Професионалните сомелиери се задолжени да спроведат дури четири типа на тури за дегустација кои ќе ве воведат во незаборавниот свет на виното кое „одмара“ во дабови буриња и амфори кои им даваат специфичен и сложен вкус.
Така, Kabolina Malvazija Amfora стана едно од најбараните истарски вина, а потоа следуваат Istrian Malvasia, Unica Malvasia, Seco Muscat, Momjanski Muscat и Dolce.
Винарија Станица Менегети (Stancija Meneghetti): Пионер во понудата на луксузно вино
Менегети е на самиот врв на списокот на неизбежни истарски винарии. Станица на крајот од патот, како што многумина сакаат да ја наречат, краси живописна област во близина на градот Бејл.
Со години овде се произведуваат наградувани премиум вина кои посетителите можат да ги вкусат во примамливиот амбиент на богатите лозја, на имотот на винскиот хотел Менегети.
Прекрасниот имот беше естетски „освежен“ и обновен пред неколку години и денес, со ексклузивни вили и релаксирачки базени, изгледа поубаво од кога било.
Понудата на ресторанот има исклучително добра репутација, па со прекрасното вино, сончевиот ден и околното зеленило, Менегети ќе ви приреди незаборавен одмор.
Винарија Матошевик (Matošević): Место каде што винските желби стануваат реалност
Познатото семејство Матошевиќ ги произведува своите вина од грозје одгледано на две локации на лозја.
Првото се наоѓа во регионот Бује, во северозападна Истра, и е одговорно за создавање на најдобрите бели вина, особено Малвазија.
Втората локација се наоѓа во внатрешноста на Истра, веднаш до Грималда, каде што се поставуваат темелите за производство на белото и црвеното вино Грималда.
За да да ги вкусите сложените и препознатливите ароми на неодоливите пијалаци на семејството Матошевиќ, нивната винарска визба е лоцирана на 15 km од Пореч, Ровињ и Врсар.
Покрај просторот за дегустација, ќе се пoчувствувате како дома бидејќи овие вински експерти ќе се погрижат да ви ги исполнат сите желби.
Винарија Козловиќ (Kozlović): Сомелиерски рај со светски добар глас
Долгогодишната традиција на семејството Козловиќ започнала во далечната 1904 година и веќе четири генерации живеат на истиот имот, во живописното лозје Вале кај Момјан.
Винаријата е поделена на три ката, со визба и мултифункционални простори за презентации и дегустации и за вински работилници. Покрај тоа, има и елегантна продавница за вино со бар за дегустација.
Вистинско уживање е и надворешниот простор со застаклена тераса и директен поглед на лозјата и замокот Момјан.
Винарија Замок Белај (Dvorac Belaj): Нераскинлива врска помеѓу дворецот и винската уметност
Единствениот хрватски имот на кој заедно еволуирале виното и замокот се наоѓал во прекрасниот пејзаж на планината Учка.
Иако оваа прекрасна област историски била сведок на различни настани, таа отсекогаш била нераскинливо поврзана со уметноста на виното, чија практика продолжува и денес.
Замокот на винаријата Белај е основан од семејството Белај пред 11 години бидејќи сите вина потекнуваат исклучиво од грозје одгледувано во околното историско лозје.
Исто така, во 2016 година, производството целосно се врати во студените и пространи визби на замокот за симболично да му оддаде почит на местото кое расте заедно со уметноста на винарството повеќе од 5 века.
Ваквата љубов и посветеност не можат да останат незабележани, па затоа не е чудно што е препознаено од експерти на многу меѓународни натпревари, на кои вината со ознаката Замок Белај освојуваат златни медали.
(О)Милена | Црнобело