Уникатно гратче во Австралија со едвај 2.000 жители кои живеат под земја е популарна туристичка атракција (фото)
Гратчето Кубер Педи во Австралија има помалку од 2.000 жители кои мораат да живеат под земја поради високите температури во текот на денот, а поради уникатниот изглед местото е популарна туристичка атракција.
Кубер Педи е уникатно гратче во Австралија каде што жителите живеат под земја. Градот се наоѓа на јужниот дел од Австралија, а 80% од жителите живеат под земја поради високите температури во текот на денот.
Се верува дека името на градот (Coober Pedy) потекнува од абориџинската фраза „kupa-piti“ што може да се преведе како „дупка на бели луѓе“ - нешто што одлично го опишува местото.
Од 1975 година, локалните Абориџини почнале да го нарекуваат гратчето „Umoona“, што во слободен превод значи „долг живот“.
Ова место неретко е нарекувано „престолнина на опалот“ поради рудниците со овој минерал. Всушност, главното занимање на жителите е токму рударството, односно ископувањето опал.
Поради многуте места за ископување, на влезот од градот е поставен знак за предупредување кој нагласува дека низ областа има многу необележани дупки.
Според попис од 2016 година, во гратчето живеат само 1.762 луѓе, чии домови генерално се наоѓаат под земја.
Поради пустинската клима, температурите во гратчето се многу високи – просечната температура во лето е повисока од 35 степени под сенка. Температурата може да се искачи и над 40-тиот степен.
Врнежите од дожд се најретки во можеби цела Австралија, што дополнително го отежнува живеењето на површината.
Куќите, но и хотелите и рестораните обично се вградени во ритчиња и однадвор можете да ги видите само вратите и по некој прозорец. Но, ентериерот нема да ве остави рамнодушни.
Наводно, температурите во овие подземни живеалишта се движат од 19 до 25 степени во текот на целата година.
Домовите имаат кружни соби, ѕидови со неправилна форма и изгледаат навистина удобно.
Поради необичните градби, гратчето е популарна туристичка атракција и нуди неколку подземни хотели и продавници.
Во случај да имате клаустофобија и не сакате да спиете под земја, некои хотели имаат и соби на површината.
Едни од главните туристички атракции се музејот и турите низ рудник за опал каде што туристите можат да видат како се сечат овие минерали и како се обработуваат.
Нормално, има и продавница каде што може да се купи накит направен од опал.
Друг детаљ што го прави гратчето примамливо е обновливата енергија. Благодарение на бројните сончеви денови и ветерот, гратчето произведува 75% од потребната енергија со помош на ветерници и панели.
Поради малкуте врнежи, порано гратчето имало проблем со недостаток од вода, но сега се направени пумпи со кои се собира водата од големи бунари сместени на околу 20-тина километри од гратчето. Оваа вода се чува во резервоари и потоа се испорачува до градот.