„Бев на викенд на Попова Шапка на тазе снег, возење на моторна санка – зошто топло препорачувам?“
Погледот од горе беше и повеќе од спектакуларен. Недогледно белило од снег, но и тепсија од облаци над Тетово, а ние над нив, дишеме чист воздух, му се радуваме на декемвриското сонце.
Ден од оние кои се бројат двојно во животот и за какви се живее.
Една од жените од групата, онаа „најлудата“, на турите секогаш има една таква, нормално говорам за позитивно лудило односно за прекрасна енергија која се пренесува врз другите, наеднаш ја снема.
Кога... само неколку мигови потоа ја видовме како се спушта од една стрмина на моторна санка со некој дечко.
Го нашла човекот токму таму, додека си уживал со својата моторна санка на омилениот начин за зимска релаксација, си разврзале муабет и ете сега за првпат во животот се вози на моторна санка, како што ни кажа потоа.
И нормално кога има многу жени на едно место, можни се и главоболки, па така љубезниот човек една по една жените од групата ги возеше нагоре по терените, а сите се враќаа восхитени од неверојатната глетка и адреналинското искуство.
Јас го имав ова искуство наредниот ден, со сега веќе нашиот пријател, и иако заврши малку неславно со заглавување на санката во снег, па наплив на паника и триста сценарија во главата, иако реално немаше потреба за истите, сепак е искуство што ќе го паметам засекогаш и токму поради сè горенаведено.
Адреналинот од возењето не се опишува, а какви глетки нуди Попова Шапка на страна од терените што ги знаеме, не можам да доловам со зборови.
Со групата и цртавме и медитиравме и уживавме во оброците со поглед кон терените и едноставно си направивме јога на умот.
Плус, минувате време со луѓе кои не ги знаете, па разноликоста на карактери, приказни и однесувања е доживување самото по себе. Сосема поинакво од она кога одите на викенд со партнерот, семејството или пријателките од детството.
Новите познанства си имаат посебна магија.
Јога викенд повторно? А зошто да не! А, Попова Шапка? Нормално, во секое време!
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело / фото: Приватна архива