Бродски дневник на Ивана: „Гостин удри вработена, не можеме да го напуштиме бродот 8 месеци – тешко е во пандемија“
Ивана од Скопје, моментално работи на брод и за CRNOBELO.com раскажува: „Ги нема веќе лудите забави и ноќ со капетанот, има премногу правила, гостите се нервозни па дури и влегуваат во физички судир со екипажот, а ние не смееме да го напуштиме бродот кога е закотвен во градови и треба да поминеме 8 месеци на море“.
Пловиме накај Палма де Мајорка, моето омилено пристаниште на Медитеранот, полно со историја, шарматната архитектура на Гауди, песочни плажи и секако сангрија и места за одличен шопинг. Но, во оваа Палма јас ќе си останам на брод, а така ќе биде и во следните месеци.
Од екипажот, сите сме вакцинирани, но без право да се симанат кога бродот е закотвен на пристаниште.
Од друга страна пак гостите, за да влезат на брод треба да покажат сертификат за вакцина и негативен ПЦР тест, а истотака им прават и брзи тестови на секое пристаниште и еден ден пред завршувањето на крстарењето.
Ми кажаа дека во Џенова имало пар кој бил позитивен и не им дозволиле да се качат на брод. За наша среќа и безбедност, на пристаништето има вработено Италијанци кои прават тестови, а бродскиот екипаж нема контакт со нив сѐ додека не добијат негативен тест.
Ми се здосади од маски и нос боли од тестови
Ние, членовите на екипажот, постојано сме со маски, и тоа КН95, добиваме по една дневно, што за мене е грешно и се побунив, па очекувам дека наскоро нешто ќе се смени.
Само во својата кабина, за време на јадење или во барот за вработените можат да се тргнат маските. Ушите веќе ме болат и од маските и од очилата, но тоа е новата реалност на крстарењата.
Веќе престанав да бројам колку тестови имам направено...само носов знае.
Понекогаш закажуваат тестирања за целиот тим, некогаш се рандом тестови за оние кои почесто се во контакт со гостите, а на крај на секое крстарење, се задолжителни за сите вработени, и оние кои имаат контакт со патниците и оние кои работат во кујните и пералните.
Гостите излегуваат само со екскурзија организирана од брод
Порано и гостите и екипажот можеа на своја волја да се симнат од брод кога тој е закотвен, но поради пандемијата таа привилегија веќе НИКОЈ ја нема.
Крстарењата се одличен начин на патување поради можноста да се посетат различни дестинации, но пандемијата стави СТОП.
Сега гостите можат да се симнат од брод и да посетат ново место само преку однапред организирана екскурзија од брод, од тимот за екскурзии.
Бројот е ограничен и има многу правила за превенција, постојано се со маски и со средства за дезинфекција, со право на купување на сувенири само од една продавница која има договор со бродската компанија.
Но, и покрај правилата има исклучоци, како на пример, едно семејство од Италија, кое сметало дека се поинтелегентни од другите, па се искраднале од групата и продолжиле сами да шетаат.
Кога се вратиле на пристаниште, куферите веќе ги чекаа пред брод, па нивното седумдневно крстарење по Медитеранот заврши по само два дена и тоа без право на повраток на парите.
Агресивен гостин удри вработена зошто му рече да стави маска
Сите актвности на брод се тотално сменети, ги нема лудите забави, нема танц со офицерите, нема ноќ со капетанот... Во баровите масите се оддалечени, а базените скоро празни.
Сите членови од екипажот добија тренинг за однесување и почитување на правилата, па ако видиме некој без маска, мора да му речеме да ја стави.
Јас работам како фотограф, па после секоја продажна трансакција или фотосесија мора да ги испрскаме гостите со алкохол и да ја дезинфицираме нашата опрема.
Моја колешка, фотограф, била во галеријата кога ѝ пришол гостин прашувајќи ја како да ги најде фотографиите од претходната вечер.
Таа му рекла да стави маска и ќе му покаже, а иако тој одбил, колешката инсистирала дека додека не стави маска, нема да го услужи.
Гостинот агресивно ја турнал и почнал да вреска, кажувајќи нешто од типот „слобода на избор“ и „моите права за не носење маски“.
Веднаш повикале обезбедување и на патникот му бил даден избор - да го прекине крстарењето без право на рефундација бидејќи не ги почитувал јасно поставените правила, или да си стави маска.
Очигледно парите му се важни, па заборавил на „својот личен избор” и ставил маска.
Ручек како посета во затвор
Заштитните плексиглас прегради ги има на секој штанд или каса за да се избегне контакт меѓу гостите и екипажот.
Но, за мене најинтересно е што и масите во мензите за екпажот се поделени со плексиглас, па на ручек и вечера, со колегите се гледаме како на посета во затвор.
Покрај тоа, библиотеките се затворени, а во диско не смее повеќе од 20 на подиум. Премногу нови правила.
Многуте нови правила, инспекции и процедури, и секако неможноста да се симнеме од брод имаа лош ефект кај некои од вработените, па по само еден месец на брод, неколкумина дадоа отказ.
Како ќе биде никој не знае, ни останува само да се навикнеме на новата реалност ако сакаме добро да си заработиме, бидејќи платата е иста, но капацитетот на гости е намален, па не е толку напорно, но искрено е досадно во овој пловен дом.
Се надевам дека ќе успеам да издржам без да паднам во депресија или полудам осум месеци само на море.
Среќа колегите ми се одлични, имам уште серии, а може дури и во теретана да почнам да одам.
Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Заради пандемијата, година ипол живееше во Бразил, а по долга пауза повторно се врати да работи на брод. Во наредниот период таа за CRNOBELO.com ќе споделува лични искуства и приказни од работата на брод - тековни и минати случувања.
Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело / фото: приватна архива И. Ј.