„Бев во Занзибар, остров во Индискиот океан - локалците се пријатни, има желки стари и по 100 години и џунгла со зачини“
Кога веќе си во Стоун Таун, не можеш, а да не ја посетиш куќата во кој живеел Фреди Меркјури. По тесните улички ќе се најдеш на локалниот пазар, а таму ќе те понесе мирисот на зачините, боите на овошките, а на рибниот пазар ќе се изнагледаш сè и сешто. Тука е и Старата тврдина, како и Палатата на чудата, некогашна палата и официјална сала за прием на Англичаните. А, така е именувана зашто во неа од целиот остров за прв пат била воведена струја и вода, а имало и лифт. Исто така ова е највисоката градба во Стоун Таун.
За време на престојот во Стоун Таун, го откривме локалот t.a.t.u. и одевме да се забавуваме таму, каде пивото чинеше 5.000 танзаниски шилинга, а тоа е нешто помалку од 2 евра. И секогаш се „убивавме“ од играње со локалците. Сите околу тебе се пријатни, ти се смеат, пробуваат да направат муабет со тебе, те распрашуваат за секакви работи, буквално по неколку разменети зборови мислиш дека сте другари. Ама многу од нив и пробуваат нешто да ти продадат, демек за поубаво уживање, а скоро никој од нив го немаше со себе она за кое зборува дека го продава.
Едно од повозбудливите доживување ми беше посетата на Prison Island – некогашен остров на заробеници и робови, а сега дом на џиновски желки.
Кога слеговме од чамецот се соочивме со тромави и мрзливи желки, кои Сејшелите ги подарило на Занзибар. Уживаат да ги масираш и да ги храниш. Речиси никоја од нив не одбива храна, па што друго би правеле кога се желки постари од 100 години.
Интересна авантура беше и посетата на песочниот насип, Накупенда каде на скара испековме јастози, ракчиња и октоподи и го дочекавме зајдисонцето кое секогаш е поубаво од претходното. Исто така, џунглата со зачини ме воведе во еден посебен свет.
Поради поволната клима, имав можност да видам како се одгледува цимет, куркума, бибер, ванила, ѓумбир, како и кокоси, ананаси. Имаше и едно растение кое на Масаите им служи за боење, па со прст си нанесов боја на лицето пред да се запознам со еден педесет годишен човек, кој енергично се качуваше до самиот врв на кокосовите дрвја.
Што повеќе дена престојував на Занзибар, толку повеќе уживав и сфаќав дека ми годи сè она што ме опкружуваше таму. Откако го напуштивме валканиот и хаотичен Стоун Таун, авантурата продолжи на друго место. Но, за тоа ќе раскажам во некоја следна прилика…
Повеќе фотки од Занзибар:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело