Предлог дестинации низ Македонија за викенд бегство – за ентузијасти и авантуристи
Верувам дека нè има многу кои чекаат викендот што поскоро да дојде, за да можат да излезат од бучниот град и да побараат малку спокојство во природата. Има разлика кога работната недела ќе ја започнеш по викенд поминат на некоја авантура и кога неделата ќе ти почне како ништо да се нема случено.
Колку и да сме свесни за таа потреба што почесто да ја менуваме местоположбата, има денови кога едноставно не ни оди од рака.
Во случај ако имате недостаток од инспирација за тоа каде би можеле да отпатувате на ден-два, ви подготвивме список со неколку интересни дестинации кои ќе ви го освежат и умот и телото.
Ако случајно се најдете во националниот парк Маврово, тогаш задолжително одвојте време да се одвезете до селото Ростуше. Токму таму се наоѓа една од најголемите убавини во Македонија – Дуфскиот Водопад.
Самиот звук на водата што паѓа од високите карпи ќе те однесе во една медитативна состојба од која со тешко срце ќе се разделите.
Тука може да се наведе и живописното село Јанче, кое се наоѓа на патот Маврово – Дебар.
Посебно интересен факт е што ова е една од најстарите мијачки населби во регионот и ако добро сте потковани со приказните од минатото, самата посета на селото ќе ви се претвори во одлична авантура.
На крај, не заборавајте да седнете на ручек и да уживате во пространството пред вас заедно со традиционална храна.
Доколку сте од оние кои сакаат да посетуваат места за кои кружат различни приказни, во тој случај карпестата форма Вртена Скала, која е висока 5 метри и има тесен отвор од 2 метри е интересно место за посетување.
На само неколку километри од Пехчево, ќе имате можност со своите очи да проследите локалитет за кој се верува дека ако жената се протне низ карпата ќе добие пород.
Нека Богомила биде ваша следна дестинација за посета во август, покрај многуте интересни места кои се наоѓаат во околината.
Сместена во срцето на нашата земја, поконкретно во областа Азот и ова село се поврзува со богомилското движења.
Исто така, тука е отворено и првото училиште на македонски народен јазик. Пред вас ја имате Јакупица и можност да се искачите до врвот Солунска Глава. Не мислете му ја многу!
Да ја завршиме листата на предлози како што и доликува. Последната дестинација од мене до вас е Водопадите на Бабуна, кои се скриени во самата срцевина на планината Јакупица.
Патот до таму е лесно достапен, иако треба да пешачите неколку часа. Верувајте, кога ќе стигнете таму ќе ви се прочисти умот од сите токсични мисли, и во најмала рака одвојте барем саат-два да уживате покрај водопадите, а и изворот на Бабуна.
Ако не сте ги посетиле досега, ќе ви стане омилено место за оваа лето.
Автор: Е. Х. | Црнобело