„Работам на брод 8 години – зошто топло ви препорачувам да одите на крстарење?“
Бродската индустрија е во пораст, па убавината, големината и луксузот на пловните градови е еден од најважните квалитетите во натпреварот меѓу компаниите.
Скали со Сваровски дијаманти, позлатени рамки за прозорци, фонтани и вистински градини, транспарентни стаклени лифтови и мостови се само дел од многу сензации во бродскиот свет.
Гала вечерта или ноќ со капетанот е јаготката на шлагот во текот на едно крстарење, вистинска елеганција на морската шир. Капетанот и офицерите во своите бели униформи, гостите во смокинзи и вечерни тоалети, виолина, шампањ и многу фотографии, секој сака да блесне на оваа ноќ.
Таа ноќ за мене, бродски фотограф, е најнапорната ноќ во текот на целото крстарење, но со убави, дотерани и насмеани модели, времето лета! Па дури и за нас, вработените има посебни униформи, поелегантни за оваа вечер, па ние сакаме да бидеме дел од луксузот.
Забава, забава, забава
А 24-часовната забава е за оние кои обожаваат танцување до раните утрински часови. Неколку пати, по завршувањето на работното време и ние одевме во диско.
Од дневни забави покрај базените, до тематски забави и одлична музика во живо, за сечиј вкус, од валцер до самба, караоке и зумба, џез и диџеј сетови …
Крстарењата се надалеку познати по лудите забави, посебно во летниот период, на отворено небо, под ѕвездите со мирисот на море и звукот на брановите.
Секој брод има диско, различни тематски клубови и барови, а музичката понуда е на завидно ниво, артисти и групи од секој крај на светот.
Екипажот задолжен за анимација и забава работи со полна пареа, едни од највредните меѓу бродскиот персонал, забавни, насмеани, енергични и одлични танцувачи. Ретко кој може да одолее на нивната енергија и покана да им се придружите на подиумот.
Активности за сите возрасти и сечиј вкус
Но, не секој гостин сака да лудува до раните утрински часови, некои едноставно сакаат да уживаат во мирот кој го носи морето, далеку од вревата, планирајќи го своето следно патување. Некои крстарења траат и по неколку седмици, па дури и месеци, ако се оди на „пат околу светот“.
Иако далеку од дома и „заробени“ на тој пловен град, никогаш нема да ви биде здодевно, од клубови за шах до часови за танцување, рачна изработка и квизови на знаење, луди игри со предизвици и водени лудории во базените.
Мини клубот е мал, шарен и весел свет резервиран за најмалите со маскоти од нивните јунаци и принцези.
Услуга со 5 ѕвездички
За сè да биде совршено крстарењата имаат одличен персонал, кој ќе се погрижи ништо да не ви недостасува додека се воодушевувате на морето истражувајќи нови дестинации.
Крстарењата нудат all-inclusive, со речиси сè вклучено и подготвено за Ваше задоволство, à la carte вечери, пребогата шведска маса, и пакети со пијалаци од тропски коктели, француско вино до германско пиво и квалитетно ирско виски.
Хигиената на бродовите е на завидно ниво со екстра удобност во кабините за комфорно патување. Верувајте ми, персоналот работи со полна пареа!
Едноставно, крстарењата се многу повеќе од само одмор или патување, тоа е авантура со голема доза на елеганција, луда забава, но и културни настани и танцови.
Ви велам, од мое лично искуство, дека лесно е да се заљубите во овој пловен свет, во играта на брановите, величествените зајдисонца, многу можности за откривање нови места и градови...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело / фото: И. Ј. | Црнобело