„Работам на брод 8 години – зошто топло ви препорачувам да одите на крстарење?“
Крстарењата отсекогаш биле фантастичен начин на патување, спој на луксуз, забава, стил и одлични дестинации, не попусто се вели, барем еднаш во животот, појдете на крстарење. Бидете дел од тој пловен град, раскошен и елегантен со постојана забава и музика, вкусни специјалитети и гламурозни гала вечери. Крстарењето е одлична комбинација на практично патување спакувано во елеганција и луксуз.
Јас, вечен вљубеник во патувањата, зависник од авантури и модерен морнар со осумгодишно искуство, ви велам дека барем еднаш во животот треба да одите на крстарење.
Да ја откриете и почувствувате магијата на отвореното море, да се заљубите на прв поглед во зајдисонцето на морска шир, да се будите секое утро на ново пристаниште и да уживате во елеганција и луксузот на пловните хотели, кои јас ги нарекувам свој дом, барем седум месеци во годината.
Некогаш загарантирани само за повисоката класа, но денес, подостапни за сите, со најразлични дестинации низ светот и со цени кои зависат од луксузот, пакетот услуги и сезоната, но сепак пристојни и не толку невозможни.
За мене, крстарењето е тоа волшебно патување на кое заспивате во еден град и се будите во друг, подготвени за нова авантура. И иако сум дел од многубројниот екипаж, сепак ја открив сета негова магија…
Наместо свечен фустан, носам униформа, наместо да уживам - јас работам, но во моментите на слободно време, кога ќе застанам на палубата и погледот ми се губи во бескрајното синило, тогаш го наоѓам својот мир.
Само замислете се, седум ден на пловен град, театарски шоуа секоја вечер, чаша фин шампањ на зајдисонце или утринска гимнастика со поглед кон морската шир, тематски забави до раните утрински часови и фантастични екскурзии кога бродот закотвува, историски прошетки, шопинг тури или едноставно ден на плажа.
На крстарењата има по нешто за сечиј вкус, од музика до пијалаци, продавници, казино и мали мирни катчиња за релаксирање со добра книга и кафе.
Нов ден, нова дестинација
Можноста за патување и секојдневно посетување на нови места ме однесе во светот на крстарењата. Највозбудливиот дел од крстарењата е можноста да се посетат повеќе дестинации во еднонеделно патување.
Медитеран, Кариби, Јужна Америка и Африка, Балтичкото крајбрежје и Северна Европа, ледената Алјаска и ориентот… Можностите се неограничени, а авантурата и уживањето загарантирани.
Од романтична прошетка и гондоли во Венеција, преку посета на легендарните дела на Гауди во Барселона до мала културна екскурзија во Кан, епицентарот на филмскиот свет во Европа.
Додавајќи ги песочните плажи на Канарските острови и ледената сангрија за вистинско Медитеранско доживување. Карибите пак ве носат во магичниот подводен свет, бели долги плажи и пливање со делфини.
А ако би ја одбрале Јужна Америка како ваша дестинација за крстарење, тогаш сигурно ќе се заљубите во латино ритамот, лудите забави и експлозијата на бои, вкусови и гостопримливите локалци кои ќе ве заведат со бразилската провокативна самба или класичното аргентинско танго.
Карипското сонце ќе ве пречека на долгите плажи, а ориентот ќе во однесе на патување низ времето.
Јас го обожавам Медитеранот, спој на култури, историски споменици, старата архитектура, тесни улички низ средновековните градови, многу природа, маслинови дрва, мирис на лаванда и рузмарин, мали каменести плажи и романтични зајдисонца на морското крајбрежје.
Луксуз, гламур и елеганција
Она што го прави крстарењето волшебно е сиот негов луксуз и гламур, прекрасен ентериер накитен со уметнички дела, неопислив комфор и елеганција на секој агол, со модерни детали и декорации.