Ретка лековита убавина која треба да си ја цениме и чуваме – Караниколичко Езеро (Голем Ѓол) на Шар Планина (фото)
Караниколичко езеро или Голем Ѓол е првото и најголемо езеро од трите кои го носат името Ѓол на Шар Планина. Тоа е природно, ледничко езеро кое се наоѓа на Караниколскиот простор на 2300 m надморска височина. Од него истекува Караниколска Река.
Езерото е долго 590 m, а широко 115 m. Вкупниот обем изнесува 675 m и има површина од 26.240 m2. Длабоко е 5,60 m. Се карактеризира со елипсовиден облик издолжен во правец од север кон југ.
Поради длабочината, езерото има темносина и зеленкаста боја. Во минатото, познатиот југословенски научник и алпинист, а пред сè голем љубител на Шара, Душан Кривокапиќ, испратил примероци на водата до Републичкиот хигиенски завод.
Испитувањата покажале дека водата на Караниколичкото Езеро има вредност под 7,0 pH, а ова го прави единственото езеро во Македонија и едно од неколкуте на Балканот со таква ретка вредност.
Во тетовскиот крај, а особено жителите на селата Вешала и Бозовце, водата ја сметаат за лековита која лекува ревматизам и очни заболувања.
Најупорните коишто ќе успеат да стигнат до Голем Ѓол ќе бидат наградени со овие неверојатни глетки:
https://www.instagram.com/p/CERx-AXFc8b/