Патопис: „Со автостоп отидов од Куманово до Дрвенград – магичното село на Емир Кустурица“

Еве, веќе некое време како сите сме позатворени дома. Далеку од оние кои ни значат, далеку од можноста за нови искуства и спомени. 

drvengrad magicnoto selo na emir kusturica 2

Она што единствено ни преостанува во овие моменти е да се сеќаваме и да чекаме светот да ни се смилува на нас, луѓето. Од тука и тргна целиот порив да споделам уште една авантуристичка приказна од пред неколку месеци.

Инспириран од филмовите на Емир Кустурица, а посебно од филмот „Животот е чудо“ (2003 година), кој е главен виновник за постоењето на Дрвенград, решив да одам на Мокра Гора.

Беше петок, па со патнички ранец отидов на работа, нетрпеливо чекајќи да завршам со обврските и да се качам во автобус на „Ниш Експрес“. Заедно со Милан, пријател од Ниш, одлучивме да направиме викенд-патување. Немавме автомобил, а автобускиот превоз беше премногу комплициран и бавен.

Требаше да го изгубиме целиот ден за да стигнеме до таму. Па на крај се решивме да стопираме. Ни беше предизвик. Или ќе стигневме за неколку часа или ќе ни пропадне целото патување.

View this post on Instagram

A post shared by Evgenij Houp | (Milosh) 🧭 (@evgenij.houp)

Тргнавме во седум сабајле и некако стигнавме до Ужице, па со такси се одвлековме и до Мокра Гора, имајќи желба да продолжиме и до Златибор. Преку Airbnb во подножјето на селото најдовме евтино сместување.

Дека не беше ек на сезона, па не нè чинеше многу. Одамна не бев толку возбуден поради посета на некоја дестинација. Иако од една страна знаев што ме очекува на врвот на брдото Меќавник, сепак не бев рамнодушен кога зачекорив во комплексот со дрвени куќарки и место каде се одржува меѓународниот филмски фестивал Кустендорф

Сакавме трите часа од дневна светлина да ги искористиме максимално.

Немаше нешто посебно метеж, откако купивме карти прво се упативме до информативниот центар, а потоа спрема централното место на Дрвенград, кој ѝ припаѓа на црквата „Свети Сава“, чија конструкција е скоро идентична со старите руски дрвени цркви. Веднаш до неа се наоѓа и камбанаријата на плоштадот со дрвени коцки.

Самото опкружување и визурите кои ги гледаа моите очи ме потсетија на еден одамна отсонуван сон, каде шетав низ некое мало гратче со улици именувани според големи имиња од историјата на човештвото. На такво нешто налетав и во Дрвенград, па извадив нотес и додека поминував ги запишував имињата.

Улица Иво Андриќ, Бранислав Нушиќ, Брус Ли, Никола Тесла, па сè до Достоевски, Новак Ѓоковиќ…

Имам посебна симпатија спрема дрвени куќарки, уште како дете имав желба да поседувам една по свој вкус. Со текот на годините и секојдневните обврски, таа желба како да се оддалечи од мене. Не дека испари, ама интензитетот ѝ се намали. Но, ете, кога се најдов во Дрвенград, таа желба повторно ги ококори очите во мене.

Потребата да се сместам во тишевина како наеднаш да ме опседна и тоа поради фактот што гледав материјализиран пример од она што го посакував. Сите куќарки таму беа посебно доживувања и секоја уличка водеше до различно прибежиште.

Немав можност да влезам во ниту една од нив кои служеа како преноќевалиште, но од еден пријател дознав дека се удобни и луксузни. А, и самиот мебел одговара на автентичноста на средината.

Немаше потреба да си повторувам, знаев дека дел од животот би сакал да го поминам во слично место како ова. Далеку од сите деструкции со кои се соочуваме..

По два часа поминати во Дрвенград, седнавме во слаткарницата Аница да се напиеме по едно кафе и по препорака на келнерката се напивме и сок од малини. Веќе почна да се смрачува и пред самото излегување наминавме до подземното кино Андерграунд да го ѕирнеме репертоарот.

Немавме време за филм, иако речиси ги имам гледано сите дела на Кустурица.

https://www.instagram.com/p/B4LDM6wHx28/

Атрактивната туристичко-музејската железница Шарганска осмица решивме да ја посетиме следниот ден, иако немавме поим дали ќе успееме да стигнеме да се повозиме со возот кој поминува низ најубавиот планински предел со 5 мостови и 22 тунели.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Бев на одмор во Грција во средината на септември - Зошто ми се допадна летувањето на крајот од сезон... Единствената лоша страна на летувањето вон сезона, на крајот на септември, е тоа...
Предлог за кратко викенд патување: 5 преубави македонски села Овие пет села се само мал дел од богатата ризница на Македонија. Ги има уште мно...
5 плажи во Албанија со кристално чисто море (од кои 4 се изолирани) До една од овие плажи се стигнува само со брод, а до другите две мора да пешачит...
Скриени места во Европа што вреди да се посетат (пред сите да дознаат за нив) Ако сте од оние луѓе на кои им пречи метежот на познатите дестинации, тогаш овие...
10 места низ Македонија каде може да се разладите покрај река на горештините Македонија изобилува со природни убавини, а реките и водопадите се идеално место...
Каде за Први мај - 13 места за излет во природа низ Македонија Со семејството или со друштво, добра музика, вкусна храна, студени пијалаци и се...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg