Викенд предлог: Смоларски водопад
На двесте километри од Скопје, во општината Ново Село, Струмичко, скриено во длабока шума, бегајќи од погледот на човекот, започнува приказната за Смоларскиот водопад.
По искачени илјада чекори, триста скалила и 650 метри надморска височина пристигнувате до едно совршено место кое со зборови не се опишува.
До таму ќе стигнете по соодветно изградена патека, со дрвени скалила и дрвена ограда која започнува од селото Смоларе и води сè до самиот водопад.
По патеката ќе имате можност да уживате во една малку поинаква глетка - нереална убавина и нема тишина. Ќе можете да го слушате движењето на водата постојано додека се искачувате.
Смоларскиот водопад се смета за најголемиот и единствен постојан водопад во Македонија, кој постојано има пад на водата од дури 39,5 метри височина.
Се верува дека планината Беласица крие и уште неколку недопрени водопади до кои речиси е невозможно да се стигне, но звукот од нивното жуборење ќе го чуете како одекнува од страните на планината.
Ова е само едно од многуте места кои треба да ги посетите во оваа околина. Кога сте веќе во Струмичко, не ги пропуштајте и Колешинските водопади.