„Величествена и елегантна“ – Совршените модни изданија на Каролина Гочева на концертниот маратон (фото)
„Ова само Каролина го може! Посебна, елегантна, величествена“, е еден од коментарите за Каролина, која покажа дека е нашата најсјајна музичка ѕвезда на концертниот маратон со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски. Од сребрен долг фустан до црн костим од кадифе, секој нејзин аутфит беше достоен за пригодата и за една вистинска дама како неа...
„Преубав концерт. Ова само Каролина го може! Посебна, елегантна, величествена. Целиот концерт со преголем наплив на емоции, заемна и моќна енергија и спој на трите врвни уметници, единствени и неповторливи. Во благодариме за незаборавното искуство“ е само еден од пофалните коментари на социјалните мрежи за концертниот маратон на Каролина Гочева, нашиот врвен пијанист Дуке Бојаџиев и легендарниот кларинетист Исмаил Лумановски.
По петте концерти одржани во Македонската филхармонија, Каролина најави уште два на почетокот од јануари:
„За финале на скопскиот маратон, овојпат на уште поинтимна локација - Македонската опера и балет, уште два т.н. Предбожиќни концерти.
Да не должиме многу. Поминаа концертите. Беа пет во три дена. Кој беше, виде и почувствува.
Поради навистина неверојатен интерес и притисок за влезници изминативе денови, како и фактот што Дуке и Исмаил остануваат во Македонија и во првата недела од јануари, се одлучивме да направиме уште два концерти, како би можеле оние кои не дојдоа до влезници за изминатите концерти овојпат тоа да го сторат.
Овие два концерти се на поинтимна локација со помал капацитет (само 650 места од вечер) - Македонската опера и балет, која исто како и Македонската Филхармонија, во својата ДНК го има она што овие концерти го претставуваат суштински.“
Каролина за петте концерти имаше внимателно избрани стајлинзи, а секој од нив зрачеше со елеганција и женствен изглед.
Од сребрен долг фустан до црн костим од кадифе надополнети со впечатливи обетки и соодветни чевли, стајлинзите на Каролина беа вистински моден погодок.
Нејзините стајлинзи, дело на стилистката Јована Зука, преку фотографиите на Стефан Рајхл:
Прв концерт - долг сребрен фустан
Втор концерт - црн миди фустан со перје и кожени ракавици
Трет концерт - портокалов, светкав коктел фустан
Четврти концерт - црн кадифен костим
Петти концерт - розов фустан со волуменозен горен дел и впечатлив ѓердан
С. С. | Црнобело / фото: Стефан Рајхл