Популарни парчиња облека и модни додатоци за кои добро треба да размислите пред да ги купите
Ако барате чизми за снег и врнежливо време, избегнувајте ги моделите од велур - водата може да го оштети материјалот.
Некои парчиња облека и додатоци изгледаат навистина добро и штом ќе ги видиме во продавница, посакуваме да ги купиме.
Но, некогаш треба да размислиме дали вреди да дадеме пари за нешто - дали ќе можеме да го комбинираме со облеката што веќе ја имаме, дали е практично, дали ги задоволува нашите потреби...
Ова не значи дека никако не треба да ги купувате овие парчиња, туку само добро размислете дали ќе ги носите или само ќе ви стојат во гардероберот.
За кои парчиња треба да размислите пред да ги купите?
Чизми од велур
Ако барате чизми што ќе можете да ги носите на снег, не купувајте модел направен од велур. Снегот, но и водата од дождовите можат да го оштетат материјалот, па овие чизми не се најдобар избор за снежните и врнежливите денови.
Ако, пак, веќе имате пар за вакви временски услови, слободно купете си и чизми од велур за деновите кога времето е поубаво.
Крзнена чанта
Иако изгледаат интересно, овие чанти сепак се впечатливи и потешки за комбинирање. Па, пред да ја купите, добро размислете дали ќе имате со што да ја комбинирате.
Истовремено, одржувањето на овие чанти е потешко бидејќи лесно се полнат со прашина, па ако не сте подготвени да чистите, најдобро не ја купувајте.
Од друга страна, секогаш можете да си купите крзнен украс за чанта кој изгледа исто добро, а и ќе можете да го носите со повеќе модели што веќе ги имате.
Кожени панталони
Имајте на ум дека кожените панталони не се најудобни, но ако сепак сакате ваков модел, не заборавајте да ги пробате панталоните во продавница и да бидете сигурни дека ви се удобни (и кога ќе седнете).
Чевли со светла боја
Избегнувајте ги чевлите со светла боја ако барате модел за на дожд или снег.
Причината е очигледна – на светлите чевли ќе се познава секоја дамка кал.
Високи чорапи
Овојпат не зборуваме за високите чорапи за подвезици, туку памучните и волнени високи чорапи кои редовно ги гледаме на Инстаграм.
Иако изгледаат добро, овие чорапи не се многу удобни, постојано ќе се спуштаат и тешко дека ќе ги носите долго.
Многу евтина облека
Пред да купите некое многу евтино парче облека, добро разгледајте го и воочете дали материјалот е добар.
Истото важи и за чевли – ако мислите да купите евтин модел, не заборавајте да ги пробате.
Костими за капење со дречливи бои
Ако го сакате костимот само за сезона-две, тогаш нема да имате проблем. Но ако сакате да ви трае подолго, имајте на ум дека дречливите бои на костимот ќе избледат од сонцето, солта (ако одите на море) и перењето.
Крзнени капи
Слично како крзнените чанти, овие капи изгледаат впечатливо, но добро размислете дали ќе имате со што да ги носите.
Истовремено, и во нив лесно се собира многу прашина и ќе треба да ги чистите почесто.
Спирова С. | Црнобело