Од каде потекнуваат модните трендови и кој одлучува што ќе носиме?
Постојано слушаме за модните трендови и неретко се обидуваме да ги следиме.
Знаеме што ќе биде „ин“ оваа сезона, кои парчиња ќе ги носат сите и што најмногу ќе има по продавниците.
Но, кој одучува за сето ова?
Еден вид експерти набљудуваат што носиме
Пред една продавница да направи колекција за претстојната сезона, мора да знае што ќе се бара најмногу.
Овде на сила стапуваат таканаречените „гледачи на трендови“. Ова се модни експерти што едноставно ги гледаат мажите и жените на улица.
Забележуваат што носат обичните луѓе, со што ги комбинираат парчињата и се обидуваат да предвидат што би било најпосакувано во следниот период.
Но, овие луѓе не гледаат само облека. Имено, тие следат сè што актуелно кај потенцијалните муштерии – од омилени кафетерии и филмови, па сè до работни места. Сето ова влијае врз трендовите што ќе следат.
Продавниците ги користат овие информации и со нив се обидуваат да создадат нов тренд. А, кога нешто ќе видите на улица или на Instagram, поголема е веројатноста да го купите кога ќе го видите и во продавница.
На пример, говорите на активистката Грета Тунберг и еколошката криза во светот ги натераа брендовите да прават облека од рециклиран материјал. Од гледна точка на продавниците за облека, екологијата е тренд што можат да го продадат.
Се користи влијанието на познатите
Денес брендовите не се фокусираат на пејачки или актерки, туку на инфлуенсерите. Се разбира, инфлуенсери можат да бидат и пејачките и актерките, но и новинарите, блогерите, научниците, или какви било личности кои имаат некако влијание врз јавноста.
Сè што прават и имаат овие луѓе, веројатно ќе го посакуваме и ние. Главната причина за ова е зависта. Сепак, имајте на ум дека оваа завист е нормална и ја чувствуваат речиси сите.
Истовремено, продуктот, или трендот што ни го покажува инфлуенсерот го поврзуваме лично со него/неа. Па така, ако Џенифер Анистон рекламира парфем, жените кои ја сакаат најверојатно ќе го купат.
Се сеќавате на Кери Бредшо од „Sex and the City“ која ги натера сите жени да сонуваат за скапите Manolo Blahnik чевли? Или, пак, трендовите што ги постави семејството Кардашијан-Џенер?
Брендовите се свесни за влијанието на овие луѓе, па го користат максимално.
Нов вид рекламирање
Со текот на времето, гледаноста на рекламите на телевизија се намали и сите се префрлија на социјалните мрежи.
Ова, пак, го поттикна создавањето на маркетинг со инфлуенсери. Инфлуенсерите се оние што ни кажуваат што е тренд, а што не. Тие, пак, неретко ни го кажуваат она за што им платиле брендовите.
Знаевте ли дека дури 40% од корисниците на интернет купуваат нешто откако ќе го видат на социјалните мрежи, без разлика дали е класична реклама или обична објава?
Се сеќавате на малите Jacquemus чантички што не се воопшто практични, но ги носеа сите модни блогерки? Според некои податоци, дури 30% од приходот на брендот дошол од овие чанти, кои и самите ќе заклучите дека не вредат ништо.
Но, брендот им ги „раздава“ на инфлуенсерките пред Модната недела во Њујорк, тие ги направија тренд, па сите почнаа да ги бараат.
До каде ќе оди сето ова?
Сè додека луѓето имаат желба да бидат во тек и сè додека се подготвени да трошат за да бидат „ин“, ќе бидеме сведоци на трендови кои се менуваат со вртоглава брзина.
Затоа, можеби најдобро е да си изградите сопствен стил, кој нема да биде под огромно влијание од трендовите што ги диктираат продавниците и брендовите.
Спирова С. | Црнобело