Најчудните и најхрабрите трендови од 2000-тите кои се враќаат на модната сцена
Модата постојано се менува, но понекогаш „оживува“ трендови што повеќето од нас со задоволство би ги заборавиле или воопшто не би се осмелиле да ги носат.
Во последно време сè почесто го гледаме враќањето на модата од раните 2000-ти, иако многумина се согласуваат дека ова беше период со најлошите трендови.
Во продолжение погледнете ги најчудните, но и најхрабрите трендови кои годинава ќе го направат својот „камбек“:
Мрежа и чипка
Чипката и облеката како мрежа повторно се појавуваат на модните писти, црвениот тепих и во нашите гардеробери.
Овие парчиња привлекуваа многу внимание на почетокот на 21-виот век, а истото се случува и сега. На вас останува да одлучите дали станува збор за храбар или вулгарен тренд.
„Карго“ панталони
Бидејќи широките панталони се секогаш поудобни од фармерките, враќањето на карго панталоните не треба да нè изненади.
Оние, пак, кои ја претпочитаат удобноста, сигурно ќе се израдуваат за овој тренд.
Најверојатно, во мода ќе се вратат и синџирите на панталоните.
Гол стомак
Голото стомаче беше вистински хит во раните 2000-ти, и тоа со причина.
Кратките блузи и кроп-топ маичките одлично ја нагласуваат женската фигура, особено во комбинација со здолниште или панталони со висок струк.
Животински принтови
Животинскиот принт беше доста популарен на почетокот од 2000-тите, некој период го заборавивме, а сега повторно ја освојува модната сцена.
Сепак, овојпат подобро е да одберете едно парче со принт, наместо целите да се облечете како леопард.
Светло розова боја
Розовата не само што се „врати“, туку и ги „зарази“ сите.
Пред некоја година ретко која жена би се осмелила да облече розов фустан, но денес ова е една од најпосакуваните бои.
Тренерки
Целиот свет се обидува да го заборави периодот кога познатите се појавуваа на црвениот тепих во тренерки од велур. Но денес, модните брендови прават цели колекции џемпери, панталони и тренерки од велур.
Изгледа денес лесно можете да направите комбинација со тренерки која ќе изгледа луксузно и удобно.
Танга која „ѕирка“ од облеката
Ова беше еден од најконтроверзните трендови во минатото, а повторно го гледаме и денес.
Модните експерти ги охрабруваат жените суптилно да ја покажат долната облека.
Мала Fendi чанта
Ова е модел што го прослави Кери Бредшо во „Sex and the City“, а сега повторно е „ин“.
Наводно, изминатава година продажбата на овие чанти се зголемила за дури 164%.
Капи и беретки
Беретките беа задолжително парче во раните 2000-ти, а потоа заминаа во заборав.
Денес беретките се повторно во мода.