7 парфеми со кои мирисот на летото можете да го носите и преку целата година
Летото важи за еден од најбезгрижните периоди во годината, кој мириса на море, кокос, портокали и бели цвеќиња. Мирис кој потсетува на сонце и на плажа. Модните брендови во своите парфемски колекции често се инспирираат токму од летото и создаваат уникатни мириси благодарение на кои можеме да се потсетиме на одморот во текот на целата година.
Добро е познато дека мирисите можат да нè вратат за момент во изминатите убави спомени, за дури и кога сте најнапнати да се сетите на долгите денови и кратките ноќи, слободата, релаксираноста и времето посветено на себе.
Погледнете ги овие неколку парфеми и изберете нешто што одговара на вашиот вкус.
Дури и во зимскиот период кога ќе се стемнува уште во 17 часот, а сонце ќе има сè помалку и помалку, овие мириси ќе помогнат да се опуштите и релаксирате.
„Bronze Goddes“ - Есте Лаудер
Мирис кој потсетува на сончева светлина, на зраци кои ја милуваат кожата, со дискретна нота на крема за сончање. Дозволете да ве обземе беспрекорната комбинација на кремаст кокос, цитрусните ароми, ванилата, ѓумбирот и мандарините.
„Eau De Soleil Blanc“ - Том Форд
Кремаст и цветен мирис кој потсетува на рефлексија на сонцето на површината на морето. Ќе најдете ноти на кокос, цвет од портокал, горчлива кора од портокал, кардамом, розов бибер, ф'стаци, јасмин и тубероза.
„Bvlgari Omnia Pink Sapphire“ - Bvlgari
Најновиот од линијата „Omnia“ потсетува на безгрижни летни ноќи. Инспириран е од младоста и чувството на слобода. Основата е од мошус и ванила, а потоа се развива во цветно-овошен мирис, со изразени ноти на грејпфрут.
„Allure“ - Шанел
Еден од најнетипичните мириси во светот на парфемите. Се работи за ориентален, но летен парфем, кој во основа има мирис на ванила и сандаловина, во комбинација со овошни ноти на портокал, бергамот и праска, како и цветните јасмин, божур и магнолија.
„Daisy Dream Forever“ - Марк Џејкобс
„Daisy“ е една од најпознатите линии на овој бренд, а оваа верзија е мешавина од капини, круша, грејпфрут, јасмин и личи. Целата комбинација потсетува на излежување на плажа во доцно попладне и гледање на зајдисонцето.
„Vanitas“ - Версаче
Еден од најуспешните парфеми од овој бренд, создаден во 2012 година, кој е спој на ноти од лимета и бели цвеќиња и дискретни траги од тонка-зрна. Светол и свеж парфем, кој во себе го носи летото.
„Neroli Portofino“ - Том Форд
Цитрусен мирис наменет и за мажи и за жени, создаден во 2011 година, инспириран токму од летото. Преовладува мирисот на цвет од африкански портокал, бергамот, мандарина, цвеќето нероли, смола, јасмин, лимон и дискретна горчлива нота.
Е. Д. | Црнобело