Топ 3 трендови за матурски фустани за 2023, според дизајнерката Моника Коцарева
„Фустаните се она што е највпечатливо на матурската вечер, па зошто да не направиме тие да останат запаметени? Смел тренд од 2023 е спојување на раскошноста и елеганцијата со светкави материјали и долги делови кои се влечат на подот“, споделува, дизајнерката Моника Коцарева и открива кои се 3-те топ трендови за матурантки за годинава.
Моника Коцарева од Охрид работи како дизајнерка години наназад, а нејзиното Ателје Коцарева како бренд постои веќе 8 години.
Таа вели дека постојано работат на нови и уникатни кроеви, како и на нивниот квалитет.
Заедно со нејзиниот тим при дизајнирањето на модели во преден план ги става жените со храбар карактер и тргнува од нивните потреби за удобност, леснотија во движењето, претпочитајќи во исто време функционалност, иновативност и уникатност, следејќи ги линиите на женското тело.
Сакаат да ги поместуваат границите од стереотипите и да создадат нешто што ќе остави белег за колекцијата да биде препознатлива.
Во овој дел од годината Моника вели дека најактуелни се матурантките, па за CRNOBELO.com споделува топ 3 трендови за матурантки за 2023 година:
Драматични кроеви и долги додатоци од половина
Фустаните се она што е највпечатливо на матурската вечер, па зошто да не направиме тие да останат запаметени?
Овој смел тренд од 2023 ја спојува раскошноста и елеганцијата со светкави материјали и долги делови кои се влечат на подот.
За овој тренд полн погодок би бил сирена крој на модел, кој е изработен од чипка со ситно везени кристали и додаток на струк од материјал во истата боја.
Светкави рачно работени материјали со многу монисти
Вашата матурска вечер е вашата ноќ да блеснете – буквално и метафорично. Ништо не го претставува гламурот повеќе од светкавите материјали.
Но, не какви било. Оваа година најактуелни се везените материјали со огромен број рачно везени кристали и монисти.
Овие фустани се многу тешки за работа, а и најдобро стојат на поедноставни кроеви како „pencil skirt“ и „A line dress“.
Безвременски корсети
Фустаните кои се со истакнати жици на корсетите се на топ-листа за трендови од оваа година.
Ова не е изненадувачки со оглед дека корсетите може да бидат во многу различни форми изведени, во зависност од градбата на девојката, така што скоро секој може да се пронајде во овој тренд.
Оваа комбинација на фустан со корсет во горен дел би бил фантастичен избор доколку сакате да додадете деликатна и женствена нота во вашата креација.
Матурите се за многу скоро време, а вие очигледно ќе бидете ѕвезда на вашата вечер.