Совети за среќен брак во кои паровите се колнат: „Изгледот е минлив, омажи се за оној со кого уживаш да разговараш“`
„Стапете во брак со партнерот поради личноста којашто е сега, а не поради личноста за која се надевате дека ќе стане во иднина“.
За среќен и хармоничен брак, љубовта не е доволна. Секако, треба да постои и љубов помеѓу сопружниците, но исто важни се и довербата, почитта и бројни ситници на кои неретко забораваме да обрнеме внимание.
Поради ова, многу брачни совети кои се фокусираат на нешто друго освен на љубовта (и сексот) за некои луѓе звучат бесмислено. Но, токму овие совети се клучни за среќен брак.
На Редит луѓе ги споделуваат најдобрите брачни совети што ги слушнале, но за кои на почетокот биле скептични:
„Тато ми велеше: ’Биди добар, дури и кога си гневен. Особено кога си гневен‘“.
„Во поголемиот дел од времето што ќе го минувате заедно нема да имате секс, па најважно е да бидете најдобри пријатели. Во спротивно, бракот нема да трае“.
„Стапете во брак со партнерот поради личноста којашто е сега, а не поради личноста за која се надевате дека ќе стане во иднина“.
„Поентата на расправањето не е да победите. Поента е да го разберете проблемот и причината за неговата појава“.
„Во ред е да спиете во посебни кревети, па дури и посебни соби ако тоа функционира за вас. На пример, јас не би била добра партнерка ако спијам само неколку часа навечер поради ’рчењето на партнерот. Или, можеби работите во различно време поради што треба да имате и различен распоред на спиење“.
„Бидете искрени. Немојте да го лажете партнерот“.
„Ве молам средувајте го вашиот неред во домот“.
„Во ред е да си легнете гневни. Многупати сме слушале дека не треба да одиме во кревет гневни, но некогаш токму сонот ќе ви ја промени перспективата и ќе ви помогне да најдете решение за проблемот“.
„Дедо секогаш ми велеше: ’Немој да си легнуваш ако има валкани садови во мијалникот‘. Подоцна дознав дека тој и баба секогаш заедно миеле садови навечер и овој период си разговарале најмногу“.
„На денот на мојата свадба, свекорот ми рече: ’Не заборавај дека секогаш сте вие двајца против проблемот, а не вие еден против друг‘. Ова е одличен совет кој ни помогна да избегнеме многу расправии низ годините“.
„Баба ми рече: ’Изгледот е минлив, омажи се за оној со кого уживаш да разговараш‘“.
„Немојте да се грижите што е ’нормално‘ во очите на другите. Во брак сум речиси 20 години и овој совет ми направи голема разлика. Нема потреба да ги исполнувате очекувањата на општеството. Правете го она што ви годи вам и на партнерот“.
„Никогаш не барајте од партнерот да направи жртва за вас што вие не би ја направиле за него“.
„Мама секогаш ми велеше: ’Немој да дојдеш да ми се зажалиш за сопругата, туку зборувај со неа‘. Немојте никогаш да се жалите за вашиот партнер. Ако ви треба совет, побарајте го, но немојте да се жалите и да го понижувате партнерот пред другите“.
„Мајка ми почина и тато ми кажа нешто што ми ја промени перспективата: ’Ситниците што најмногу ме нервираа, сега најмногу ми недостасуваат‘“.
Спирова С. | Црнобело