„Не можеш да забремениш за време на циклус“ – Митови за сексот за време на менструален циклус
Еве една сосема нормална работа, која, за жал, сè уште се третира како табу-тема – секс за време на менструалниот циклус. Сексуалното дистанцирање за време на циклусот е прашање на личен избор, но честопати со истиот се поврзуваат многу митови.
Ова се само 6 од нив:
Мит бр. 1: Не можеш да забремениш за време на менструалниот циклус
Сите сме го слушнале ова, а реалноста е следната: Не е вистина. Според гинеколозите, секогаш постои ризик од бременост кога станува збор за незаштитен сексуален однос, иако шансите за тоа се минимални, но сепак – постоечки.
Иако не е вообичаено, сепак може да се случи да забремените за време на сексуален однос додека имате циклус. Спермата може да „живее“ до пет дена во женското тело.
Доколку имате какви било варијации во датумот за овулација и доколку односот е блиску до времето кога се случува овој процес, постои шанса за бременост.
Мит бр. 2: Сексот за време на циклус е одвратен
Ова е веројатно најголемата заблуда околу сексот за време на менструалниот циклус. Тој не мора да биде одвратен и неуреден доколку ги преземете потребните чекори.
Постојат неколку начини да го намалите нередот ако сакате да имате секс за време на циклус.
Сексот под туш е најлесниот начин кој гарантира дека нема да има речиси никаков неред за време на односот. Доколку се одлучите за креветот, најдобро е да си поставите крпа под телото за да не ги извалкате чаршафите.
Мит бр. 3: Сексот за време на циклус е нехигиенски
И покрај многубројните убедувања, менструацијата не е „валкана“. Совршено здраво е да имате вагинален секс за време на менструацијата.
Циклусите не се „валкани или срамни“ и всушност можат да ги зголемат придобивките од сексот во овој период од месецот, како што се поголема возбуда, зголемено либидо, подобра лубрикација и создавање на посилна врска со партнерот.
Мит бр. 4: Не можете да добиете сексуално пренослива болест за време на циклусот
Ова е целосно невистинито тврдење. Иако крвта од циклусот не е валкана, ако вие или партнерот имате некоја сексуално пренослива болест, голема е веројатноста да се заразите.
Секоја размена на течности може да го зголеми ризикот од вакви болести.
Исто така, за време на менструацијата, pH вредноста на вагината се менува и може да го зголеми ризикот од пренос на некоја болест.
Мит бр. 5: Сексот за време на циклус е непријатен и болен
Доколку имате болни циклуси, самата помисла на секс може да ви предизвикува лошење и морници по ’рбетот. Но, можеби пропуштате големо олеснување на болката.
Сексот всушност може да ја намали болката со ослободување на хормони кои ќе ви ги олеснат грчевите. Сексуалната активност исто така може да ве ослободи од напнатост и да го релаксира карличниот дел од телото.
Мит бр. 6: Сексот за време на менструацијата може да го смени циклусот
Ова е всушност точно, но не плашете се! Лекарите се согласни дека сексот за време на менструација може да го промени вашиот циклус на подобро.
Иако вашиот циклус зависи од различни фактори како стрес, хормони, генетика и други здравствени специфики, сексот може да ги ублажи симптомите на менструацијата со намалување на болката и непријатноста од грчевите.
Како? Преку лачење допамин.
Допаминот, невротрансмитер кој создава чувство на задоволство, се ослободува за време на оргазмот за да го интензивира ова чувство и да ја намали болката. Оргазмот ѝ предизвикува контракции на матката што може да значи олеснето и забрзано исфрлање на менструалната крв од телото.
(О)Милена | Црнобело