„Немам потреба од секс“ – Млади луѓе откриваат што значи асексуалноста и го споделуваат нивното искуство
Асексуални личности се оние кои обично не чувствуваат сексуална привлечност кон други луѓе. За разлика од целибатот или апстиненција каде што луѓето се водржуваат од секс, асексуалните личности обично не чувствуваат сексуална привлечност или потреба од секс.
Овие луѓе може да чувствуваат емотивна привлечност кон другите и да имаат емотивни, среќни врски, но кај нив потребата за секс обично не постои.
Но, само затоа што не чувствуваат потреба, не значи дека немаат никаква желба за секс. Ова е сосема нормално, но на повеќето луѓе им е тешко да ја сфатат асексуалноста.
Кај секоја личност, сексуалноста варира – веројатно и вие сте имале периоди кога воопшто не сте размислувале за секс или не сте чувствувале сексуална привлечност, дури ни кон вашиот партнер, без разлика што не сте асексуална личност.
Ова значи дека и кај асексуалните луѓе се појавува желба за секс, од разни причини. Разликата е во тоа што тие најчесто не чувствуваат потреба.
Генерално, кога станува збор за секс, секоја личност е различна и нејзините потреби се менуваат, а веројатно поради ова ни е тешко да разбереме некои работи. Затоа, неколку луѓе кои се асексуални решиле да го споделат нивното искуство.
24-годишната Јасмин Беноит е модел и активист кој се обидува да ја подигне свеста за асексуалноста. Во едно интервју, таа откри дека неретко, кога споделува дека е асексуална, луѓето претпоставуваат дека била жртва на сексуално насилство, па поради тоа ја изгубила желбата за секс.
Јасмин нагласува дека ова не е точно и дека иако некогаш има желба за секс, едноставно, скоро никогаш не чувствува сексуална привлечност, ниту потреба за секс.
23-годишната Лин Сага, која е јутуберка, вели дека во нејзиниот случај, таа нема потреба од интимност и никогаш не ја привлекувала некоја личност.
„Иако сум многу отворена личност, никогаш не ме интересирал сексот и долго време не ми беше јасно зошто некој воопшто го сака. Ако немате никаква желба за интимност со друга личност, тоа е еден од првите знаци дека можеби сте асексуални“.
Лин вели дека на многу тинејџери, како што бил и нејзиниот случај, им велат дека уште не ја сретнале вистинската личност, притоа не земајќи предвид дека можеби станува збор за асексуалност.
„Кога имав 16-17 години, сите мои пријатели размислуваа за врски и сексуални односи, а тогаш не ми беше јасно зошто воопшто зборуваат за тоа“.
Британскиот блогер Даниел Вокер има 24 години, а на неговиот Јутуб канал изјави дека скоро секогаш мора да им објаснува на другите што значи неговата асексуалност.
Тој вели дека има девојка со која сака да се прегрнува и бакнува, но не чувствува потреба за секс. Сепак, одвреме-навреме имаат сексуални односи бидејќи кога е со неа се чувствувал удобно.
27-годишната Шелби Грејс е познат гејмер и неодамна прозборе за нејзината асексуалност:
„Одењето на состаноци не е многу поразлично. Единствено можеби минуваме повеќе време во разговор“.
Шелби нагласува дека само затоа што е асексуална, не значи дека буквално никогаш не посакува секс.
„Сексуалноста е цел спектар – обично немам потреба од секс и сум неутрална кога станува збор за тоа, но некогаш желбата се појавува“.
Сексуалноста е индивидуална - некои луѓе имаат голема потреба за секс, некои помала, а некои никаква, и без разлика каде спаѓате вие, тоа е сосема нормално.
Најважното е да се чувствувате удобно во своја кожа и да не ја споредувате вашата потреба за секс со онаа на другите, но доколку искусувате тешкотии, секогаш може да поразговарате со стручно лице кое ќе ви даде совет.
Спирова С. | Црнобело