7 сурови, но реални причини зошто луѓето изневеруваат физички и емоционално
Изневерувањето е деструктивен настан кој има моќ да ја уништи речиси секоја врска. Но, важно е да се знае дека луѓето најчесто имаат различни дефиниции за тоа што значи неверството за нив.
На пример, некои луѓе веруваат дека флертот е само безопасна забава, додека други пак се убедени дека се работи за нешто многу пострашно и посериозно.
Постојат неколку типови на неверство, меѓу кои се издвојуваат:
Физичко неверство – кога едниот партнер е вклучен во сексуална активност надвор од врската со друга личност. Секако, тука се вклучени и прегрнувањето и бакнувањето, покрај самиот сексуален физички чин.
Емоционално неверство – овој вид на неверство најчесто започнува безопасно. Може да започне кога двајца луѓе кои не се во врска започнуваат да си ги доверуваат своите проблеми и ставови поврзани со животот. На тој начин тие формираат силна емотивна врска која со текот на времето може да се развие и во сексуална.
Sexting (Секстинг) – кога двајца луѓе сексуално флертуваат преку пораки на телефон или компјутер, а самиот чин може да вклучи и препраќање на непристојни фотографии меѓусебно.
Он-лајн неверство – кога двајца луѓе ќе развијат страсна врска на друштвените мрежи, како Фејсбук, Твитер, Инстаграм или Тиндер.
Но, зошто луѓето изневеруваат? Ова се 7 сурови, но реални причини за тоа:
Некој од партнерите не ѝ е целосно посветен на врската
Кога на некои луѓе им се пружа можност да извршат неверство, а тие воопшто не се загрижени за последиците, тоа значи дека не ѝ се целосно посветени на врската. Можеби има недостаток на љубов или пак партнерот не се гледа долгорочно како дел од таа врска.
Неверството се користи како изговор за да се стави крај на врската
Нормално е луѓето да се одљубуваат едни од други. Кога некој бара начин да ѝ стави крај на врската, изневерувањето не е исклучена опција.
Партнерот не е сексуално задоволен
Една од главните причини за неверство е сексуалната неисполнетост, односно фрустрација. Кога нема доволно (добар) секс, страст, интимност или романса, партнерот одлучува сите овие работи да ги побара на друго место.
Двојката не поминува доволно време заедно
Бракот и врската се еден вид на работа. Колку повеќе вложувате, толку повеќе и добивате. Доколку партнерите не се заинтересирани да работат на односот, многу лесно е погледот да почне да талка наоколу по други луѓе.
Недостаток на почит, емпатија и комуникација во врската
Доколку не се разговара редовно за проблемите, не се решаваат навремено, и најбитно – доколку нема почит во една врска, тешко дека истата може да преживее без последици.
Потреба за себепронаоѓање
Кога двајца луѓе поминуваат премногу време еден со друг, нештата стануваат здодевни. Понекогаш на едниот (или двајцата) им е потребен простор надвор од врската.
Во тој период на себепронаоѓање, партнерите може да сфатат дека имаат поинакви потреби и желби, па неверството е сосема реална опција.
Лични несигурности
Некои луѓе се многу несигурни во себеси и сметаат дека другиот ќе ги изневери нив и дека врската нема да трае. Затоа изневеруваат пред тоа да им го направи некој на нив, затоа што личното неверство е болка која многу полесно ќе ја пребродат отколку емоционалната болка која (хипотетички) би му ја нанел другиот партнер.
(О)Милена | Црнобело