Не е секогаш заради сексот: На тема „Зошто изневеруваме?“ со м-р Ивана Хаџиванова, психолог
Неверството е за жал честа појава во партнерските релации. Истото, предизвикува огромна емоционална болка кај изневерениот партнер и кај многумина прави дестабилизација на психолошката состојба и рамнотежа.
фото: depositphotos.com
Најчесто првите реакции се проследени со изненадување, шок и неверување, но веднаш потоа и огромно чувство на предавство кое носи голема горчина. Секако чувството на поразеност, тага, бес и збунетост се емоции кои се очекувано присутни. Изневерувањето сериозно ја нарушува сликата за себе и прави голем пад на самодовербата кај личноста.
Всушност, сознанието за неверство на партнерот предизвикува огромен стрес кој многу често долго трае, и знае да направи сериозни промени и растроеност во живеењето, во многу ситуации и кај сите семејни членови. Неверството го става во стрес и емоционално го погодува многу и тој кој изневерува.
Неверството е честа причина за развод на бракот.
Неверството се јавува во повеќе форми и типови.
Некогаш тоа е физичко и сексуално неверство, кое може да е инцидентно и еднократно, но може да биде и во форма на долготрајна паралелна вон-партнерска врска.
Постои и неверство кое е исклучиво емоционално, односно кога партнерот немал сексуален контакт со другото лице, но се создала силна емоционална поврзаност и блискост со романтични чувства и фантазии, предизвикана од некаква долготрајна комуникација и внимание од лице надвор од бракот/врската.
За некои луѓе и самото прикривање на остварен контакт на социјалните мрежи кој е скриен, предизвикува чувство и доживување на предавство и го сметаат за некаква форма на неверство.
Дисфункционалност во партнерската релација, дистанцираниот однос, честите конфликти и борба за моќ, хроничното незадоволство и нарушената комуникација и интимност, се секако дел од причините за сериозно разнишување на една партнерска врска или брак.
И, секако дека двајцата партнери ја делат одговорноста за нарушување на релацијата, но за извршување на неверство одговорноста е во целост на тој кој изневерува. Неверството апсолутно не е адекватно и соодветно решение и избор за разрешување на се претходно наведено, туку напротив.
Многу често неверствата го стартуваат почетокот на крајот на релацијата, бидејќи болката е преголема, се губи довербата и се разнишуваат темелите на се што претходно е заеднички градено.
фото: pixabay.com
Луѓето изневеруваат од многу причини, и како мотиви за истото ги наведуваат следниве, кои се најразлични.
Некогаш тоа е нарушената комуникација, намаленото внимание, малку заедничко време кое довело до голема дистанца, чести конфликти и недоразбирања, потешкотии во прилагодување во родителска улога и заборавање за негување и на партнерската релација, дебаланс во поделба на секојдневните обврски кои водат до фрустрациии и слично.
Мора да се напомене дека во оваа група на причини е и неисполнетоста во сексуалниот контакт и интимниот живот на партнерите, и потребата од адреналин, возбуда и постојана желба за промена, со цел надминување на евентуално настанатата монотонија во релацијата.
Многу луѓе вербализираат дека напливот на хормони кога непланирано и ненадејно се вљубуваат во некој друг, прави да е невозможно да ги контролираат своите емоции, но и избори и однесувања, па ги реализираат своите фантазии.
Некогаш како причина е и лутината и желбата за одмазда и казнување, често и како реакција на изневерување, па се користи истиот начин за враќање и изедначување на „резултатот“ .
Од друга страна пак, има луѓе со различен начин и стил на поврзување, односно капацитет за приврзување, кој влијае на способноста за долготрајна посветеност и лојалност во партнерската релација.
Кај сите нас тој е индивидуален и почнува да се гради уште во раното детство од примарните релации. Тоа значи дека и секој има различна слика за тоа што е врска, брак, семејство и има различни модели на однесување кои во својот живот ги следел или се идентификувал со дел од нив.
фото: depositphotos.com
Неверството не секогаш значи дека љубовта исчезнала. Изневеруваат и мажите и жените.
Неверството не е секогаш поврзано со сексот, некогаш е вниманието и почитта тие кои се најпотребни да се добијат. Физичкиот изглед и привлечноста исто може да не се пресудни при изборот на личност со која се изневерува.
Простување на неверство.
Во секој случај, има луѓе кои наоѓаат снага и се подготвени и имаат капацитет да простат неверство и да продолжат понатака, што е во суштина предуслов за понатамошна работа на подобрување на релацијата. Секако дека тој процес, не е едноставно и брзо да се постигне во реалноста.
Но, има луѓе и кај кои тој акт трајно ги затвора за секаков понатамошен обид за интимен контакт со нив, и прават целосна емоционална блокада и трајно отфрлање на партнерот кој го сторил неверството.
Кога нешто е нарушено или недостига во врската, добро е тоа да се постави како цел и да се работи на тоа да се развие и подобри, внатре во неа.
Врските и бракот треба секојдневно да се негуваат и е потребно вложување, многу отворена комуникација и разбирање, од двете страни. Неверството е честа причина за која клиентите бараат стручна поддршка и психотерапија.
Таа се нуди во форма на индивидуални сесии со двата партнера, но секако и со заеднички партнерски сесии.
Текстот го подготви М-р Ивана Хаџиванова
Психолог, Психотерапевт и Супервизор
Основач на НЕОКОРТЕКС- Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација
НЕОКОРТЕКС може да ги следите на Фејсбук и Инстаграм.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.