5 начини на коишто перфекционизмот ви ја уништува врската
Зарем постои личност што не посакувала совршена врска? Конфликтите не постојат и секој ден, од моментот кога сте се запознале до крајот на времето, е исполнет со романтика и авантури.
Иако можеби ова ви звучи како шега, изгледа дека повеќето луѓе имаат нереални очекувања за она што ја прави врската здраво и функционално партнерство.
Наводно, според едно истражување од 2017-та година, перфекционизмот се зголемува. Според авторите, ова е резултат на култура која сè повеќе го промовира материјализмот и индивидуалноста, додека младите луѓе се соочени со поголема конкуренција, повеќе нереални очекувања и поанксиозни родители што сакаат да контролираат.
„Проклетството“ на перфекционизмот си го наоѓа патот до секој дел од животот, но најмногу кога станува збор за врските. Но ова не значи дека нема никаква надеж. Свесноста е првиот чекот кон ослободувањето од високите очекувања, па добро е да ги знаете начините на коишто перфекционизмот може да ви ја уништи врската.
Проектирање на очекувањата
Едноставно кажано, совршената врска содржи три елементи – совршените вие, совршениот партнер и совршеното партнерство. Врската помеѓу овие три и совршеноста е неразделна. Поставувањето високи очекувања за вас е едно, но сосема друго е кога ги проектирате на партнерот.
Ова проектирање може да се покаже на неколку начини, од кои најочигледен е вината. Односно, кога вашите очекувања не се исполнети, почнувате да барате виновник. Најчесто вината му ја префрлате на партнерот и се прашувате зошто не ви ги прочитал мислите и не ги сфатил сите ваши потреби и желби.
Доколку го забележите ова, запрашајте се дали однесувањето на партнерот е навистина толку лошо, или пак можеби проблемот се вашите нереални очекувања?
Категоризирање на конфликтите како неуспех
Важно е да знаете дека конфликтите се здрави. Замислете си го секој конфликт како судир на различни мислења. Бидејќи сите сме уникатни, нормално е вашиот партнер да има други мислења и верувања. Конфликтот станува нездрав кога заземате одбранбена положба, се обидувате да го наметнете вашето мислење и одбивате да го разберите партнерот.
Понекогаш нормално е да сакате да се одбраните, но сè додека и двајцата работите на мирно решавање на конфликтите, комуникацијата помеѓу вас ќе се подобрува.
Погрешно разбирање на периодот „меден месец“
Почетокот на врската неретко е нарекуван период „меден месец“ и може да биде навистина забавен. Но, овој период на вљубување може да стане и зависен.
Важно е да знаете дека вљубувањето и вистинската љубов не се исто. Кога вистински ќе го разберете периодот меден месец, ќе можете полесно да се справите откако ќе заврши. Ќе се подготвите да развиете однесување кое ја покажува вашата безусловна љубов кон партнерот. Штом ќе помине почетната заљубеност, ќе можете да се посветите на градењето на врската.
Погрешно верување за заедничките интереси
Друга одлика на „совршените“ врски се заедничките интереси. Најверојатно сметате дека мора да имате исти интереси со партнерот. Но ова може да создаде и недоразбирање за тоа како изгледа здравата врска. Важно е да ја задржете и вашата независност за да создадете здрава и функционална врска.
Во многу случаи е дури и подобро да имате разни интереси од партнерот. Наместо да му се лутите на партнерот бидејќи му се излегува а вам не, обидете се да го поддржите.
Се разбира, важно е да имате и заеднички интереси и да споделувате искуства, но нема ништо лошо ако вие имате едно хоби а партнерот друго.
Верување во концептот на совршена врска
Важно е да бидете свесни што претставува за вас концептот на совршена врска. Наједноставен начин да го направите тоа е да ги запишете вашите очекувања, а потоа да одредите дали сте реалистични и фер кон вашиот партнер. Потоа отворено разговарајте за ова.
Колку помалку размислувате за концептот на врската, толку повеќе ќе ја гледате врската каква што навистина е. Прифаќањето на нештата онакви какви што се не секогаш е пасивно. Имено, кога ќе одредите каде високите очекувања претставуваат проблем, многу полесно ќе се справите со него.
Спирова С. | Црнобело