Што значи и од каде доаѓа поимот „ванила секс“?
Ванилата како арома и вкус е омилен на голем број луѓе низ светот. Но, кога се зборува за она што се случува меѓу чаршафите, тогаш има многу поинакво значење.
Овој термин доаѓа најпрво како сленг кој го измислиле „пооткачените“ за да ги опишат сексуалните желби и преференции на оние кои се „помалку откачени“. Но, исто така, ванила сексот не е ист за сите и зависи многу и од индивидуалната перцепција за она што е откачено, а што не.
Кога се работи за сексот и сè поврзано со него, она што за некој е само ванила, за вас може да биде и ванила со додаток на прелив. Затоа и не треба да се грижите што одредена група мисли за тоа што вие го сакате од сексот, туку да се сконцентрирате на комплементирање на индивидуалните желби во нешто заедничко.
Ако вас и на партнерот ви одговара и ве задоволува да имате ванила секс, односно да не експериментирате, туку да се држите до стандардните пози, тоа е само ваша работа и не треба да ве загрижува што вашата „пооткачена“ пријателка мисли за тоа.
Затоа и не постои строга дефиниција за ванила сексот, туку зависи само од тоа како личноста го доживува својот сексуален живот. Затоа и не треба да правите споредби со сексуалниот живот на пријателите, колку и да ви велат дека вашиот начин е здодевен и дека треба повеќе да експериментирате.
Сепак, вашата цел не е да ги задоволите пријателите, туку вас и на вашиот партнер да ви биде убаво, да уживате во заедничката акција. Имајте секс каков што сакате - ванила, романтичен, откачен, без емоции, со емоции, на вас е.
Ако не се чувствувате удобно во некоја поза, не ја практикувајте. Ако мислите дека треба да имате секс само во кревет, правете онака како што ви е удобно. На крај, се работи за вашето задоволство и она на партнерот и треба да го применувате она што и двајцата ве прави среќни и задоволни.
Е. Д. | Црнобело