5 знаци дека е време да се стави крај на врската
Ако си го поставувате прашањето „Дали треба да раскинам?“ тогаш постои причина за тоа и сигурно немало да си го поставите доколку сè било во ред.
Раскинувањата не се лесни, дури и кога веќе не го сакате својот партнер. Штом еднаш таа мисла ви поминала низ глава, време е да почнете да ја барате причината.
Можеби е само период, можеби веќе не можете да замислите да сте интимни со партнерот, или пак, ве изморува и ментално и физички. А, прашањето „Дали треба да раскинам?“ и понатаму виси над вашата глава.
Ова се пет големи причини поради кои навистина треба да размислите за прекинување на врската:
Не се согласувате околу големи проблеми
Сосема е нормално да имате одредени несогласувања, тоа дури е и здраво. Но, ако не се согласувате околу големи прашања, како што се планирање на семејство, живеење со родители или настрана или можеби, отвореност на врската, тогаш воопшто не ни треба да сте заедно.
Одреден период ќе успевате да преминете преку овие несогласувања, а сосема можни се и промени на ставовите. Но, ако тоа подолг период не се случува, потребно е да се посветите на себе и евентуално на потрага по партнер кој ќе биде компатибилен со вашите желби и очекувања.
Не сакате веќе да бидете интимни
Иако некогаш едвај чекавте да му се фрлите на партнерот во прегратка, во последно време сфаќате дека не сакате ниту да е во ваша близина. Нормално е да помислите дека е фаза во врската во која интимноста е намалена, но следете внимателно колку време трае сето тоа.
Ако не ви се враќа желбата за секс со партнерот, а не ви е тешко да замислите некој друг на негово место, тоа е јасен аларм дека е време нешто да се промени.
Немате доверба
Се случи, го фативте партнерот во лага и веќе довербата ви е разнишана за цел живот. Проблемот е во тоа што дури и да ви ја кажува најголемата вистина на светот, вие секогаш тоа ќе го земате со резерва и кај вас ќе постои страв дека може да ве повреди.
Ако со ништо не може да ја придобие повторно вашата доверба, тогаш признајте си себе дека е време да се повлечете од таа врска.
Го влечете најлошото еден од друг
Некогаш бевте тим кој победува, но сега веќе сте далеку од тоа. Сега сте само остаток од еден пар кој некогаш умееше да го влече најдоброто од себе.
Но, кога веќе нема комуникација, кога сте несреќни и кога ви е јасно дека оваа врска повеќе е депресија, отколку љубов, време е за заминување.
Се изгубивте себе
Пред врската имавте целосно оформен живот со план и концепт. Секако, сето тоа претрпе одредени промени во име на зачувување на врската.
Но, дали уште одите на курс по странски јазик? Колку често се гледате со пријателите од средно или од факултет? Им посветувате ли доволно време на најблиските? Се изгубивте ли себе во обид да бидете секогаш тука за партнерот?
Е. Д. | Црнобело