Односите со луѓето се поважни од парите: Совети за успех од Ричард Бренсон
Секој возрасен човек се стреми да постигне успех во кариерата, да биде среќен со работата што ја има и да има доволно пари за да може да си ги исполни сите негови желби.
Од совети како да го постигнеме тоа никогаш не е доста бидејќи секогаш можеме да научиме нешто ново и интересно.
Милијардерот Ричард Бренсон, основачот на групацијата Virgin, филантроп и активист, чие богатство се проценува на повеќе од 5 милијарди долари, откри кои се клучните работи за успех според неговото искуство.
Неговите најдобри идеи му дошле додека се бањал во када.
„Сакам да си ја наполнам кадата и да се опуштам. Тогаш ми доаѓаат многу добри идеи“, откри Бренсон. Според него, грижата за себе е многу важна за успехот. „Сметам дека луѓето кои не се грижат за себе нема да имаат успешни денови. Единствен начин да постигнете успех е да почувствувате ендорфин и да бидете здрави“, додаде Бренсон.
Уште една работа која му помага на Бренсон да напредува во кариерата е фактот што секаде со себе носи тефтерче и пенкало:
„Секогаш треба да носите тефтерче и пенкало, секаде каде што одите. И секогаш треба очите да ви бидат отворени за инспирација. Има толку многу работи што можат да ве инспирираат без да сте свесни за тоа, идеи кои ќе ви дојдат додека разговарате со некого и кои морате веднаш да ги запишете за да не ги заборавите“.
Познатиот милијардер откри и дека најважната работа која е клучна за успех е умешноста во комуникацијата со луѓе.
„Научив дека морам да умеам да комуницирам со луѓе, да работам со луѓе и да се справувам со ситуации кои произлегуваат од односите со луѓето. Ако ги мотивираш луѓето, ако го гледаш најдоброто во нив, ако повеќе ги фалиш отколку што ги критикуваш, тоа значи дека си успешен лидер“.
Според него, тоа што тој повеќе се грижи за луѓето и нивните потреби, а не за да има многу пари е една од клучните работи поради која што е успешен.
М. В. | Црнобело