Зошто е важно да знаете што точно сакате и кои се можностите за остварување?
Замислете си дека гледате ѕвезда што паѓа и имате само неколку секунди да си замислите желба. Во тој краток момент, вашиот мозок не може да смисли апсолутно ништо.
Вие сте како празна табла и не можете да испишете ниту една единствена желба. Моментот поминува, ѕвездата исчезнува, а вие сè уште се обидувате да го одберете она нешто што ви е потребно најмногу.
Дали можеби требаше да си замислите желба за здравје за себе и најблиските? Желба за пари или среќа? Или можеби нешто минорно и краткорочно, како завршување на одредена диета или книгата која ја читате?
Што се случи? Одеднаш сфаќате дека не знаете што сакате во животот.
Проблем:
Ова е секојдневен и чест проблем, луѓето да немаат поим што сакаат и како да ги дефинираат желбите, ниту начинот за нивно остварување.
Некогаш имаме премногу желби и погрешна перцепција за среќа, малку мотивација за поголем успех и се привикнуваме толку лесно на животот кој го живееме, што повеќе и не размислуваме ниту знаеме што точно сакаме од него.
А, без да знаеме, никогаш нема да го добиеме. Ќе талкаме во темницата без никаква насока, без цел или патека за движење.
Ова се случува поради неколку причини:
1. Преголем број на зацртани цели.
2. Апсолутно никаква поставена цел.
3. Немање мотивација за сопствено усовршување.
4. Ја следиме толпата, наместо себеси.
5. Немаме дефиниција што значи „добар живот“.
6. Немаме листа на приоритети.
Решение:
Нешто мора да се промени доколку сакате напредок во животот. Првиот чекор кон промената е разбирање и дефинирање на нашите најдлабоки желби.
Голем број луѓе денес едноставно бесцелно талкаат. Сметаат дека се доволно зафатени со секојдневните грижи, обврски и задолженија, но суштински ништо не е важно, ниту има некакво долгорочно значење или важност.
Повеќе не сакаме вистински вредности, сакаме одрекување, олеснување, инстант-задоволства и лесни и брзи решенија.
Но, во ваквиот живот ништо не се менува и нема излегување од комфорната зона, што значи дека никогаш нема да дознаеме што сè може да ни понуди животот.
Вистината е дека можеме да постигнеме сè што ќе замислиме и малку работи се невозможни со можностите кои ни се нудат.
Но, прво ни треба јасна визија за нештата кои ги сакаме во животот.
Имањето цел треба да стане нашата лична мисија, бидејќи таа го обликува животот и му дава значење на истиот. Кога веќе еднаш ќе знаеме што сакаме, можеме да почнеме да работиме на остварување и ќе почувствуваме олеснување како никогаш претходно. Ќе имаме конечно одговор на нашите „Што?“ и „Зошто?“ и нашите постапки и одлуки ќе бидат свесно промислени.
За да го постигнете ова треба внимателно да размислите за:
1. Она што го сакавте кога бевте дете.
2. Кои работи уживате да ги правите најмногу.
3. Луѓе на кои им се восхитувате и зошто.
4. Која е вашата најголема страст?
5. Што сакате да смените во животот?
6. Што е потребно за да ги направите овие промени?
7. Забележувајте како се чувствувате додека правите различни работи.
8. Кога беше последниот пат кога почувствувавте среќа?
Ова е најкраткиот рецепт да ја пронајдете вашата цел во животот и да имате насока за нејзино остварување.
Можеби ќе ви биде потребно малку време и треба да бидете искрени со себе. Голем дел од луѓето не сакаат соочување со нивните желби, каења од минатото или соочување со работите кои не им се допаѓаат во нивниот живот, но ова е најсигурниот начин да бидете среќни и да го живеете животот кој го заслужувате.
Започнете да го спроведувате ова уште веднаш и да ги „бркате“ своите соништа, уживајќи во процесот што се случува во меѓувреме.
Сите успешни луѓе во светот, оние кои го пронашле она што ги усреќува и се опкружиле со истото, започнале со дефинирање на нештата што вистински ги сакаат.
Вака изгледа пасијата и доколку ја дефинирате сопствената, се посветите на себеси, вложите време и енергија во неа, никогаш нема да треба да работите ниту ден повеќе во вашиот живот.
Дефинитивно ќе заработувате многу повеќе и ќе бидете многу позадоволни од вашата сегашна ситуација.
Кога еднаш ќе ја претворите вашата пасија во животен стил, кариера или хоби, вашиот живот драстично ќе се промени. На подобро.
(О)Милена | Црнобело