Која е вашата професионална деформација?
Ви се случило ли дома и со пријателите да се однесувате како да сте деловни соработници или постојано да зборувате за работата?
Оној момент кога и во секојдневните разговори и постапки постојано ги споменувате податоците или знаењата од работното место, па зависно од професијата директорувате, предавате и држите лекции, постојано пресметувате или го забележувате секој недостаток на работите кои можеби се дел од она што вие професионално го знаете или работите?
Колку и да не забележувате, тоа потсвесно ви влијае и ве издава пред околината.
Издвојуваме неколку професии со забележани професионални деформации:
Доктор – секоја постапка и реакција ја гледа како симптом за некоја болест, ако грицкате нокти веднаш ќе ви ги наброи сите болести, бактерии и последици.
Психолог – секој збор ви е анализиран и протолкуван на начин на кој можеби воопшто не сте мислеле да го кажете, но тие ја знаат и вашата потсвест, па не можете тукутака да им се извлечете.
Директор – тој сѐ знае, сѐ може, сите ги познава, сите го знаат и мора да го слушаат и дома и на работа, тој е директор.
Лектор – го забележува секој погрешен збор и едвај се воздржува да не ве коригира, не може да ја дочита реченицата ако некој неправилен збор, испуштена буква му боде очи.
Готвач – секогаш ќе спомне или ќе сподели нов рецепт или барем некоја состојка што ја додал за поинаков вкус, дома мора во секое време да има зготвено нешто за гости.
Професорка – дури и во друштво не престанува да зборува „да држи предавања“ и да очекува целото внимание да биде насочено кон неа, како што ја слушаат учениците.
Продавачка – ги знае цените од неколку, можеби и од сите продавници во околината и за секој производ ќе ви каже за колку денарчиња е поевтино во нејзината продавница.
Маркетинг менаџер – нема нешто што не може да ви продаде и понуди, буквално ве купува со секој збор. Може да ве натера и за едно пенкало да мислите дека е најпотребното нешто кое мора да го имате.
Новинар – секогаш е љубопитен и ги забележува сите случувања. Се обидува од секоја ситуација или кажан збор да направи вест, па дури и од приватните разговори со пријателите.
Секретарка – дури и на домашниот телефон има професионални манири, барем при првото јавување и претставување.
Фотограф – не може да погледне изложба, фотографија или филм без да забележи лош агол за некој кадар, лошо осветлување, непотребни технички елементи.
Музичар – го забележува секој погрешен тон и не може да ужива и во најубавата песна ако забележи нешто погрешно отсвирено или отпеано.
Политичар – секогаш зборува за плановите на партијата и упорно докажува зошто е подобра од опозициската, тоа е непресушна тема и секогаш мора да е во право.
Фудбалер – тренинзите, вежбите, исхраната и техниките му се преокупација. За секоја екипа ги знае фудбалерите, головите, минутата во која се постигнале, дали имало фаул или не. Често знае да се навраќа на многу минати години и одредени натпревари на кои се постигнал некој гол.
Која е вашата професионална деформација?
В.М. | Црнобело