Шеф од Хрватска ангажирал приватен детектив да ја следи вработената дали навистина е на боледување
Вработена во Хрватска побарала денови од одмор, шефот не ѝ одобрил. Земала боледување, а шефот ангажирал детектив за да ја следи и да докаже дека не е болна и да ја отпушти од работа – бизарна тужба од Хрватска го привлече вниманието на луѓето од целиот Балкан.
Медиумите од регионот го пренесуваат бизарниот случај на адвокатската канцеларија од Вараждин, Хрватска која се соочуваше со тужба од поранешна вработена и која го загуби случајот.
Во септември 2019-та година, една вработена како приправник на одредено време во адвокатска канцеларија во Вараждин, прво побарала одмор, а кога не ѝ бил одобрен, таа земала боледување.
Шефот затоа што верувал дека таа лаже дека е болна бидејќи не ѝ дал одмор, ангажирал приватен детектив да ја следи од 16 до 17 часа дневно, во траење од седум дена, додека траело боледувањето.
Освен тоа, работодавецот побарал да ѝ се направи контрола на боледувањето, ја пријавил во полиција за да ја повикаат на вонреден лекарски преглед заради лековите што ги земала, а девојката тврди дека излегувала од дома само за да оди на миса со мајка ѝ, на преглед кај лекар и психијатар, или во теретана, затоа што лекарите ѝ препорачале дека мора „излезе од дома“.
По неколкудневното следење, детективот имал доволно докази, за да докаже дека таа „ги занемарила работните обврски“ и работодавецот ја избркал вработената затоа што имал со што да докаже дека таа лажела дека е болна.
Но, приказната не завршила тука – вработената поднела тужба и го добила спорот.
Сега, 4 години подоцна, таа успеала да докаже дека шефот немал доволно докази за да ја избрка од работа и дека навистина била болна.
Б. С. Б. | Црнобело