Запознајте ја Олде - најстариот пингвин во светот кој има 41 година
Еден пингвин кој живее во зоолошка во Данска беше прогласен за најстариот пингвин во светот. Со 41 година, Олде е најстариот пингвин кој живее во зоолошка, а доби и сертификат за Гинисов рекорд.
Олде е женски пингвин и живее во зоолошката Odense во Данска, а на дански нејзиното име значи „пра-баба“. На 4-ти октомври годинава Олде влегла и во Гинисовата книга на рекорди, откако се утврдило дека нејзината точна возраст е 41 година и 141 ден.
Female gentoo penguin Olde moved to Odense Zoo in Denmark back in 2003 and her name translates to 'great-granny' in Danish!
— Guinness World Records (@GWR) October 14, 2020
Keepers Sandie Munck and Mette Heikel are honoured to take care of the oldest living penguin in captivity 🐧 pic.twitter.com/IbhiWFzMRB
Овие пингвини живеат на Антарктикот и кога не се во зоолошка, обично живеат околу 15-20 години. Оние кои се чувани во зоолошки, можат да доживеат и 30 години. Олде, пак, ги надминала очекувањата на сите.
Наводно, одвреме-навреме се случувало некој пингвин да доживее 30-тина години, но 40 е вистинска реткост. Претходно најстариот пингвин беше од зоолошка во Колорадо, САД, кој умре во 2015-та, на 40-годишна возраст.
Во минатото имало уште еден пингвин за кој се верувало дека бил постар и од Олде и кој умрел на 42-годишна возраст, но не е сигурно дека овие податоци се точни.
„Нашите чувари се професионалци и немаат омилено животно, но може да се каже дека Олде има посебно место во нивните срца.
Целта Олде да добие сертификат за Гинисов рекорд беше важна задача и навистина сме горди на Олде и вработените кои се грижат за неа“, изјавил портпаролот на зоолошката.
Двајца од чуварите кои најчесто се грижат за Олде велат дека таа е многу мирна и буквално никогаш немале проблеми со неа.
Сепак, поради возраста, таа си добивала посебен третман. На пример, кога ги хранат другите пингвини, на Олде ѝ ставаат храна настрана за да не мора да се бори со помладите.
Олде е родена на 16-ти мај 1979 во зоолошка во Единбург, Шкотска. Потоа била преместена во Канада, каде што живеела 23 години. Во 2003-та била донесена во зоолошката во Данска, и оттогаш си живее таму.
Во текот на животот Олде била мајка на 16 пингвинчиња, па сега им потомци во неколку зоолошки ширум светот.
Според чуварите во зоолошката, иако нејзината возраст е очигледна, таа сепак е во одлично здравје:
„Изгледа малку истрошено и нејзините пердуви не се како во младоста, бидејќи нема доволно енергија да се грижи за нив. Сепак, се движи и јаде добро, па генерално е во ред“.
Спирова С. | Црнобело