Опасности кои секој сопственик на милениче треба да ги избегнува за време на празниците
Иако повеќето сопственици на кучиња, мачиња и други миленици се обѕирни и внимаваат на нив, сепак понекогаш несвесно прават грешки.
Посебно, за време на празниците, кога понесени од атмосферата сакаат и тие да објават фотка од кучињата замотани во сијалички, или да ги почестат со некои новогодишни колачиња.
Сепак, сите овие работи и уште многу други, иако личат на безопасни, претставуваат ризик за милениците.
Со цел да избегнете труење со храна и слични ризици по животот на миленичето, добро е да биде свесни за опасностите.
Погледнете кои се најчестите во овој период:
Новогодишни светилки и батерии
Исто како што внимавате на децата, така треба и на милениците – од клучно значење е да ги покриете сите жици и батерии кои им се достапни бидејќи лесно може да се изгорат или дури и да ги удри струја.
Затоа, не се обидувајте да правите фенси фотки од нив завиени во сијалички, бидејќи од забава, може да предизвикате сериозна повреда.
Новогодишни елки
Освен што се плашите за тоа дека милениците ќе ви ја уништат елката, треба да се плашите и за нивната безбедност доколку се охрабрите да накитите елка.
Тие не секогаш размислуваат што прават, па често може игличките од елката, делови од лампионите или сијаличките да завршат во нивната уста, што е опасно за нив доколку ги голтнат и се повредат, или пак може да им предизвикаат други проблеми.
Затоа, најдете посебно катче кое ќе го заградите и каде тие нема да можат да пристапат, или снабдете се со специјални елки за миленици.
Свеќи
Иако свеќите додаваат посебна магична атмосфера за време на празниците, сепак во домовите со миленици, свеќите се нешто што треба да се избегнува.
Милениците може лесно да се изгорат на шепите или носот обидувајќи се да видат што е тоа и да помирисаат.
Па, или ставете ги на недостижно место за нив, или набавете украси во облик на свеќа кои светат со батерија.
Чоколатца и новогодишни колачиња
Многу миленичиња обожаваат да пробаат од секоја храна која ја јадат сопствениците, посебно имаат желба да посегнуваат по благото.
Но, сите знаеме дека чоколадото е најголем непријател за нив, посебно заради какаото и шеќерот, па колку и да ви се слатки со новогодишните колачиња и благи задоволства, не потпаѓајте и не им го ризикувајте здравјето.
Празнични растенија
Иако божиќните растенија може да изгледаат прекрасно во домот, сепак за милениците може да бидат отровни и опасни.
Божиќното цвеќе, како и лилиите и имелата, може да имаат сериозни последици, бидејќи се отровни, а може да доведат до откажување на органите и смрт.
Снежни топки
Овие стаклени декорации кои сите ги обожаваат во домот, може да бидат многу опасни за милениците, бидејќи лесно се кршат, а скршеното стакло и другите додатоци од внатрешноста се ризични за нив.
Завиткани подароци под елка
Подароците кои сте ги спакувале за најблиските, би било најдобро да не ги чувате под елка, бидејќи очекувано ќе ви бидат распарчени и уништени, а хартијата ниту е добра за да биде јадена од милениците, ниту за да биде расфрлана низ вашиот дом.
М. М. | Црнобело