Што значат звуците кои најчесто ги слушате од вашата мачка?
Мјаукање, предење и сè измеѓу, мачките можат да се пофалат со широк спектар на звуци кои имаат најразлични значења.
Дел од звуците ги користат за комуникација со други мачки, со други животни, а дел за да им укажат на луѓето дека немаат доволно храна во чинијата или дека можеби сакаат малку галење.
Веќе добро е познато дека мачките се фасцинантни животни и прекрасни миленици, а секој вистински љубител сака да научи што повеќе за нивното однесување. Како за суштества кои не развиле говор, тие всушност комуницираат на навистина софистицирано ниво како за животни.
Ова се некои од најчестите звуци кои ќе ги чуете од мачките, па обидете се и правилно да ги протолкувате:
Мјаукањето е за комуникација со луѓе
Мјаукањето е најкарактеристичниот звук кој го слушаме од нив. Во природата, со мјаукањето мачките се повикуваат една со друга, но во меѓусебната „комуникација“ повеќе има фрчење низ носниците и 'ржење.
Од друга страна, кога се во близина на луѓе, мачките мјаукаат многу почесто, а во зависност од интензитетот, но и од самиот звук, човекот проценува што ѝ треба на мачката.
Предење
Мачките може да предат и кога им е убаво, но и кога нешто ги боли или не се чувствуваат добро. Мачката мајка преде за да може да ги повика малите мачиња кои се родиле слепи или глуви, бидејќи тие имаат таканаречен сензор, со кој го регистрираат предењето.
Покрај тоа што предат кога се среќни, но и кога се тажни, мачките може да ве почестат со своето галење и предење кога сакаат да ве утешат. Верувале или не, вашата мачка точно знае кога ви е потребна утеха и иако не секогаш, често може да се смилува и да ве утеши со своето присуство.
Исто така, не заборавајте и на манипулаторската природа на мачките. Многу често нивното предење може да биде само манипулација за од вас да изнудат уште една конзерва храна.
Пригушено 'ржење
Звукот кој звучи како воздух да излегол од сад под притисок најчесто не е добар знак. На тој начин мачката ве предупредува да ѝ се тргнете од патот, бидејќи е исплашена, вознемирена или нервозна.
Според некои теории, мачките во текот на еволуцијата научиле да го имитираат звукот на змиите, бидејќи сфатиле дека голем дел од животните се плашат од тој звук.
Предупредувачко грлено 'ржење
Може да се случи поради страв, бес или лутина, но и ако претерате со играње и стимулација, за да ви даде до знаење дека е доста. Во оваа ситуација мачката ви праќа јасна порака да ја оставите извесно време на мира.
Звуци слични на пеење на птица
Можете најчесто да ги чуете кога мачката ќе забележи птица на прозорецот. Уште еднаш еволуцијата ги научила овие животни да имитираат друг звук од природата и на тој начин да си привлечат храна.
Иако вам ви звучи слатко и интересно, позадината на ваквиот звук е дека мачката сака да ја улови таа птица и ќе го направела тоа, да не бил прозорецот или мрежата преку него.
Краток „отпоздравувачки“ звук
Овој звук звучи како „мррр“ или „пррр“ или слично кркорење и често го слушате од вашата мачка кога влегувате дома или се појавувате во собата каде е таа.
На некој начин мачката се поздравува со вас и ви дава до знаење дека била свесна за вашето отсуство и дека сега ѝ е добро што сте дома.
Жално завивање
Звучи како мјаукање, но е доста погласно, поиздолжено, а од самиот звук се сфаќа дека не е добро. Со овој звук мачката ви покажува дека се плаши, дека нема доволно храна или вода, дека не се чувствува добро или дека треба да ја однесете на ветеринар.
Е. Д. | Црнобело