10 проверени начини со кои ќе ја натерате мачката да ве засака
Мачките се познати како своеглави, мистериозни и резервирани суштества, но како и секое друго живо битие, така и тие умеат да искажат љубов. Единствено ви треба малку поинаков пристап.
Ветеринари и биолози од Швајцарија спровеле истражување околу однесувањето на мачките кон луѓето кои ги чуваат. Тие тврдат дека секоја мачка може да го засака оној кој ја чува, само со резервиран и правилен пристап.
Ова се 10-те најважни заклучоци од истражувањето:
1. Дозволете ѝ на мачката да ви пријде прва
Кога ќе земете ново маче, не обидувајте се веднаш да го опсипете со љубов и грижа. Оставете го прво да се навикне на просторот, да ја пронајде храната, песокот и играчките. Вие набљудувајте отстрана.
Кога ќе биде подготвена, мачката сама ќе дојде. Единствено што треба да направите е да не и пружате премногу внимание. Сигурно сте забележале дека тие сакаат да им се умилкуваат на оние кои се порезервирани кон нив. Па, бидете и вие рамнодушни и вашето маче само ќе дојде кај вас.
2. Пријдете ѝ како и вие да сте мачка
Две мачки кои се во добар однос се поздравуваат со допирање на носињата. И вие можете да го имитирате тоа, приближувајќи го вашиот прст до нејзиниот нос. Доколку мачката ви се доближи, ве душка или го допре носот од вашиот прст, тогаш голем дел од зближувањето е остварен.
3. Галете ја таму каде таа сака
Многу мачки сакаат да бидат галени, но не по целото тело. Всушност, мачката самата ќе покаже каде сака да ја галите, а ќе ви се заблагодари со предење, трепкање и мазење со нејзината глава од вашата рака.
4. Ако не ѝ се допаѓа нешто, дајте ѝ простор да се смири
Доколку нешто не ѝ се допаѓа, мачката ќе реагира со бегање, гребење, гризење или со нагло мавтање со опашката. Оставете ја да се смири и почекајте ја повторно да ви пристапи.
Со тоа ѝ покажувате дека ги почитувате нејзините граници, а таа ќе ви врати со уште поголема лојалност и приврзаност откако ќе се смири.
5. Не претерувајте со храната
Доволно е мачката да има неколку оброци во текот на денот, кои не се премногу обилни. Всушност, со количината на оброкот не ѝ покажувате љубов, туку само ризикувате да ја здебелите, а тоа лошо може да влијае врз нејзиното здравје.
Затоа, мерете ја количината храна која ѝ ја давате на мачката, бидејќи диетите на животните може да бидат тешки и исцрпувачки.
6. Играјте си на правилен начин со неа
Мачките нема да трчаат по фрлено топче, ниту пак ќе ви го вратат за пак да го фрлите. Воспоставете дневен ритуал на галење, играње и бркање низ дома, бидејќи мачките сакаат квалитетна интеракција со луѓето кои ги чуваат.
Обезбедете им и неколку играчки кои наликуваат на глушец или птица, бидејќи колку и да е питома, мачката во основа е грабливец.
7. Чувајте ја мачката дома
Доколку ја чувате дома или во дворот, ќе имате поквалитетен однос со вашата мачка. Исто така, имајте дневни активности, за да може мачката да се измори и ноќта да спие повеќе, наместо да ве буди за да ја играте.
8. Научете ја на дружење додека е мала
Интеракциите на малите мачиња со луѓето покажале дека на тој начин тие повеќе се поврзуваат со нив. Кога ќе пораснат, тие ќе бидат мачки со пријателско однесување и кон луѓето и кон останатите мачки.
Идеален период за социјализација на мачките е кога се стари меѓу две и девет недели.
9. Земете ги предвид и својот и карактерот на расата пред да вдомите мачка
Без разлика дали земате расно маче или го вдомувате од улица или од прифатилиште, треба да си дадете време за да видите дали вашите карактери се компатибилни.
Носењето мачка во својот дом е сериозен и одговорен чекор, кој бара ангажман од вас. Кога вдомувате возрасно маче, бидете подготвени да вложите повеќе време во градењето на довербата и односот со него.
10. Внимавајте на нејзиното однесување
Основно правило е да следите како вашата мачка се однесува. Следете го говорот на телото. Ако ушите и се залепени за главата и ве набљудува со едно замижано око, тогаш таа сè уште нема доверба во вас.
Прилагодете се делумно на нејзиното расположение, за да можете да ја придобиете. А кога еднаш ќе ја имате на ваша страна, тогаш добивате прекрасен и лојален миленик до крајот на животот.
Е. Д. | Црнобело